Прекуграничната летна школа во Преспа ги инспирираше идните чувари на природата

Под мотото „Традиционално знаење и современи еколошки практики“, минатата недела во Преспа се одржа традиционалната Прекуграничната летна школа за млади еколози

Природата не познава граници, а нејзината заштита е можна само преку заедничка соработка и споделено знаење. Токму затоа младите еколози од Северна Македонија, Албанија и Грција и оваа година се собраа во Преспа, каде во текот на пет дена учеа, истражуваа и разменуваа искуства за зачувување на еден од највредните езерски екосистеми на Балканот

Под мотото „Традиционално знаење и современи еколошки практики“, минатата недела во Преспа се одржа традиционалната Прекуграничната летна школа за млади еколози на мрежата на еколошки организации #ПреспаНет, организирана од Македонското еколошко друштво во соработка со Друштвото за заштита на Преспа од Грција и Друштвото за заштита и зачувување на природната средина во Албанија.

Во текот на пет дена, учесниците од трите држави што го споделуваат сливот на Преспанските Езера учествуваа во теренски истражувања, предавања од експерти и интерактивни работилници, непосредно запознавајќи се со природните и културните вредности на Прекуграничниот биосферен резерват Преспа-Охрид.

По воведниот ден и запознавањето на учесниците, програмата продолжи со посета на Националниот парк „Галичица“ и изворите кај Свети Наум, каде младите еколози дискутираа за митовите и реалностите поврзани со протокот на вода помеѓу Преспанското и Охридското Езеро, како и за влијанието на климатските промени и човековите активности врз хидрологијата на овој врзан езерски систем.

Особено внимание привлече посетата на островот Голем Град – едно од највредните природни и културни богатства на Преспа, светски познат по својот биодиверзитет и кревок еколошки баланс. Следствената попладневна работилница беше посветена на методите за мониторинг на шумските желки на Голем Град, обработката на теренски податоци и нивната примена во популациските проценки, а денот заврши со предавање за нераскинливата поврзаност меѓу природното и културното наследство во регионот.

Во Паркот на природата „Езерани“ учесниците се запознаа со традиционалните и современите пристапи во управувањето со влажните живеалишта, разговараа со претставници на Паркот за предизвиците во нивната заштита, додека попладнето учествуваа на практична работилница за картографирање на живеалиштата со дронски снимки направени за време на конкретната теренска посета.

Школата заврши со посета на фармата „Спирит оф Преспа“ во Царев Двор, каде учесниците можеа да слушнат повеќе за алтернативните и еко-свесни форми на туризам кои се развиваат во Преспа, со акцент на агро-туризмот кој ги интегрира традиционалните културни вредности на регионот со прогресивните земјоделски практики.

Прекуграничната летна школа и оваа година претставуваше простор каде науката, практичната работа и локалното знаење се надополнија меѓусебно, а младите еколози стекнаа нови вештини, искуства и контакти кои ќе придонесат за идната заштита на Преспа. Воедно, школата уште еднаш ја потврди важноста на прекуграничната соработка во зачувувањето на овој единствен езерски екосистем, чие богатство може да се зачува само преку заедничка посветеност и заедничко дејствување.

Прекуграничната летна школа во Преспа се организира во рамки на проектот „ПреспаНЕТ III – зачувување на биолошката разновидност на прекугранична Преспа“, поддржан од Prespa-Ohrid Nature Trust (PONT), Фондацијата Aage V. Jensen и EuroNatur.

е-Трн да боцка во твојот инбокс