Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека преговорите со Иран би можеле да продолжат во наредните два дена, и покрај застојот во разговорите.
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, во телефонски разговор за „Њујорк пост“ изјави дека постои можност преговорите со Иран да продолжат во следните два дена.
Како што наведува медиумот, Трамп првично оценил дека разговорите се одвиваат „малку бавно“, но кратко потоа повторно се јавил и посочил дека директните преговори наскоро би можеле да продолжат.
„Навистина треба да останете таму, бидејќи нешто би можело да се случи во следните два дена, а ние сме посклони да одиме во Исламабад“, изјави Трамп.
Тој додаде дека изборот на Исламабад како локација, и покрај разгледувањето на други опции, е поврзан со односите меѓу американските претставници и генерал-фелдмаршалот Асим Мунир. Според него, тие односи се зајакнале за време на претходните разговори поврзани со конфликтот меѓу Пакистан и Индија.
„Тој е фантастичен и затоа е поголема веројатноста да се вратиме таму. Зошто би оделе во земја која нема никаква врска со тоа?“, додаде Трамп.
Американскиот претседател изрази и незадоволство од информациите дека САД побарале Иран да ја суспендира својата програма за збогатување ураниум на период од 20 години.
„Велам дека не можат да имаат нуклеарно оружје, па затоа не ми се допаѓаат тие 20 години“, изјави Трамп.
Првата рунда преговори меѓу претставници на САД и Иран во Исламабад заврши без договор по повеќе од 20 часа разговори.