Пред 57 години Аполо 11 слета на Месечината

На 20 јули 1969 година, Нил Армстронг стана првиот човек што стапна на друго небесно тело. Токму денес се навршуваат 57 години од тој момент.

Точно денес, 20 јули, пред 57 години, астронаутот Нил Армстронг стапна на површината на Месечината и со тоа го затвори едно од најзначајните поглавја во историјата на човештвото. Мисијата Аполо 11 полетала четири дена претходно, на 16 јули 1969 година, носејќи ги Армстронг, Баз Олдрин и Мајкл Колинс кон целта поставена осум години претходно од претседателот Џон Ф. Кенеди. Настанот го следеле меѓу 600 и 650 милиони луѓе ширум светот, според различни проценки, што до денес останува еден од најследените телевизиски преноси во историјата.

Осум години подготовки за еден лет

Патот до 20 јули 1969 година почнал со ветувањето на претседателот Кенеди од 25 мај 1961 година, кога јавно ја поставил целта за слетување на човек на Месечината до крајот на деценијата. Целата трка всушност била дел од технолошкото и политичкото соперништво со Советскиот Сојуз – откако Советите го лансирале првиот сателит во 1957 година, а потоа и првиот човек во вселена, Јуриј Гагарин, во 1961 година, американските власти значително ги зголемиле буџетите на НАСА за да го докажат сопствениот технолошки капацитет.

Ракетата што требало да ги однесе астронаутите, Сатурн V, тешка речиси 3.000 тони, останува до денес најмоќната успешно лансирана ракета во историјата. На нејзиниот дизајн работел и Вернер фон Браун, германски научник чии воени проекти претходно биле користени од нацистичка Германија за бомбардирање на Велика Британија во текот на Втората светска војна. По војната бил доведен во САД, каде подоцна станал клучна фигура во американската вселенска програма.

По трагичниот пожар во кабината на Аполо 1 во јануари 1967 година, во кој загинале тројца астронаути, НАСА го преработила целиот безбедносен протокол, а мисиите Аполо 7 до 10 служеле како постепени тестови пред Аполо 11 да добие зелено светло за целосен обид за слетување.

Полетувањето и патувањето кон Месечината

Ракетата Сатурн V AS-506 полетала на 16 јули 1969 година во 9:32 часот наутро по источно летно време од Центарот „Кенеди“ во Флорида, пред околу еден милион гледачи на самото место. Екипажот, командирот Армстронг, пилотот на командниот модул Колинс и пилотот на лунарниот модул Олдрин, веќе бил на својот втор и последен вселенски лет. По три дена патување, на 19 јули, Аполо 11 влегол во орбита околу Месечината.

На 20 јули лунарниот модул со прекар „Орел“ се одделил од командниот модул „Колумбија“, во кој останал Колинс сам во орбита. Во текот на дванаесетминутното контролирано снижување, компјутерот на модулот испуштил серија непланирани аларми со кои екипажот немал наидено во симулациите. Хјустон проценил дека слетувањето може безбедно да продолжи, а „Орел“ допрел на Морето на спокојството во 20:17:39 часот по УТЦ.

Пораката до Хјустон гласела: „Орелот слета“.

Наместо предвидениот период за одмор, астронаутите избрале веднаш да продолжат со подготовките за излез на површината. Во 22:56 часот навечер по источно летно време, Армстронг стапнал на лунарната прашина и ги изговорил зборовите: „Ова е мал чекор за човекот, голем скок за човештвото“.

Олдрин му се придружил набргу потоа, а двајцата поминале вкупно 21 час и 36 минути на Месечината, каде поставиле знаме, собрале примероци од карпи и почва и оставиле научна опрема, вклучувајќи ласерски рефлектор кој сè уште се користи за мерење на растојанието до Месечината.

Враќање и триумфално пречекување

По вкупно осум дена мисија, Аполо 11 приводнил во Тихиот Океан на 24 јули 1969 година, околу 1.500 километри југозападно од Хаваи. На дваесетина километри од местото на приводнувањето веќе го чекал американскиот носач на авиони УСС „Хорнет“, кој брзо ги извадил астронаутите од водата со помош на хеликоптер.

Тројцата поминале следните три недели во подвижна карантинска единица, каде секојдневно биле прегледувани од лекари, мерка на претпазливост во случај да донеле непознати микроорганизми од Месечината.

По ослободувањето, Армстронг, Олдрин и Колинс биле дочекани со паради во Њујорк и Чикаго, а следните месеци ги поминале речиси исклучиво пред медиумите.

Мисиите потоа и патот до денес

По Аполо 11 следеле уште пет успешни слетувања на Месечината, како и мисијата Аполо 13, чиј екипаж не слетал, но се вратил безбедно по експлозија во сервисниот модул. Последните луѓе што прошетале по Месечината биле Јуџин Сернан и Харисон Шмит од Аполо 17, во декември 1972 година.

По тоа, ниту еден човек не заминал подалеку од ниската орбита околу Земјата, сè до април 2026 година, кога НАСА го изведе Артемис II, првиот екипажен лет околу Месечината по Аполо, при што четворица астронаути го надминаа рекордот на Аполо 13 за најоддалечен човечки лет.

Планираното слетување на површината, преку мисијата Артемис IV, е закажано за почетокот на 2028 година.

Денес НАСА веќе не е единствениот носител на вселенските летови. Приватната компанија СпејсХ управува со поголемиот дел од активните сателити во орбита преку мрежата Старлинк и е избрана да го изгради еден од лунарните модули за идното слетување на Артемис. Патот што почна со единствената трка меѓу две суперсили во 1969 година денес го делат државни агенции и приватни компании истовремено.

е-Трн да боцка во твојот инбокс