Седум професионални војници се повредени во експлозија на воениот полигон Кракс во југозападниот дел на Шведска, соопштија локалните власти и војската. Несреќата се случила во близина на градот Карлсборг, а според извештаите на шведскиот јавен сервис СВТ, петмина војници се задржани на интензивна нега поради тешки телесни повреди. Ниту еден од нив не е во животна опасност.
До детонацијата дошло при активности за отстранување на стара и претходно неексплодирана муниција на стрелиштето. Воените власти засега официјално не ги потврдија техничките детали за видот на експлозивната направа, но посочија дека повредените војници имаат рани предизвикани од шрапнели. Сите седуммина се мажи на возраст меѓу 20 и 30 години и се дел од постојаниот професионален состав на шведската војска, а не регрути на редовно служење.
Шведската полиција веднаш започна истрага за настанот, класифицирајќи го случајот како тешка повреда при работа. На полигонот интервенираа спасувачки хеликоптери, амбулантни возила и воени експерти за експлозиви. Истражителите на терен утврдуваат дали се прекршени безбедносните протоколи при ракување со заостанати минско-експлозивни средства.