ВИДЕО: Албански пратеник го грабна договорот за заем од САД, службеничка падна по скали во обид да го фати

Инцидентот се случил додека траела пленарна седница во Собранието, а премиерот Еди Рама бара обвинителството итно да реагира

Албанскиот пратеник и лидер на партијата Можност, Агрон Шехај, е обвинет дека украл доверливи документи од канцеларија во Собранието додека траела пленарна седница, меѓу кои нацрт-договор за заем од 302 милиони долари од САД. Службеничка се обидела да го спречи и паднала по мермерни скали додека трчала по него, а инцидентот бил снимен од надзорните камери.

Пратеникот и лидер на партијата Можност, Агрон Шехај, украл документи од канцеларија во албанското Собрание додека траела пленарна седница. Меѓу нив бил и нацрт-договор за заем од 302 милиони долари од Соединетите Американски Држави. Кога службеничка се обидела да го спречи, таа паднала по мермерните скали во законодавниот дом трчајќи по него.

Претседателот на пратеничката група на Социјалистичката партија, Тауљант Бала, побара Шехај итно да биде уапсен. Тој го обвини за нелегално одземање парламентарни документи и за физичка агресија врз вработена. „Агрон Шехај треба да биде уапсен за кршење на законот. Крадецот на лични податоци на Албанците сега почна да краде парламентарни документи. Кога недостасуваат аргументи, останува само кражбата на доверливи документи и очајот. Агресијата кон административен службеник е исто така кривично дело“, изјави Бала.

Премиерот Еди Рама го сподели видеото од настанот на социјалните мрежи и упати апел до обвинителството да постапи според законските надлежности. На снимката се гледа како службеничката паѓа по скалите додека трча по пратеникот. „Се надевам дека Обвинителството ќе му го покаже местото дефинирано со закон за крадците на доверливи документи на овој омразен крадец-чавка, а истовремено изразувам жалење за невината девојка, фала му на Бога што се извлече без сериозни повреди од паничното трчање по крадецот“, напиша Рама.

Пратеникот ја демантираше верзијата за кражба. Според него, претседателот на Собранието, Нико Пелеши, им кажал на пратениците дека документот може да се најде во блиска канцеларија, без притоа да забрани негово земање. „Едноставно видовте сами дека претседателот на парламентот им кажал на пратениците кои се пожалиле дека можат да го најдат во блиската канцеларија. Тој не рече дека не можете да го добиете. Јас отидов, го потпишав документот за распределба на договорот и си заминав“, рече Шехај. Тој додаде дека пратениците често се соочуваат со ограничувања во пристапот до документи кога Рама е присутен во Собранието.

е-Трн да боцка во твојот инбокс