Огнената стихија кај прилепското село Чаниште се шири во четири главни правци, зафаќајќи површини кон селата Крушевица, Лопатица, Орле и потегот кон Црна Река. Ова е најголемиот пожар на територијата на државата оваа година, за чие справување се ангажирани засилувања од повеќе противпожарни единици и Дирекцијата за заштита и спасување. На терен превентивно се распоредуваат и припадници на Армијата.
Според последниот извештај на Центарот за управување со кризи, огнот кај Чаниште гори претежно на ниска вегетација, но поради теренот и ветерниот правец се разгорува на четири страни. Еден крак се движи кон Црна Река, друг зафати делови кон селото Орле во општина Новаци, а останатите два крака се насочени кон Крушевица и Лопатица.
За да се спречи влегување на огнот во населените места, во поддршка на локалните противпожарни сили пристигнуваат екипи од Скопје и Неготино. Првпат ова лето, како превентивна мерка, се ангажирани и припадници на Армијата кои ќе помагаат во обезбедувањето на селото Крушевица доколку пламените јазици дополнително се приближат.
Покрај прилепскиот регион, во изминатото деноноќие регистрирани се уште четири активни пожари на отворено. Мешана шума гори во Општина Студеничани, на потегот меѓу селата Моране, Вртекица и Рамни Габер.
Во Македонски Брод, кај местото Видуш и селата Драгов Дол и Локвица, огнот опфати ниска вегетација и грмушки. На територијата на Кичево, кај селото Тајмиште, гори високостеблеста букова шума, додека во општина Могила е зафатена ниска вегетација кај селото Мојно.
Пожарот што избувна на депонијата во Делчево е ставен под целосна контрола од страна на надлежните служби. Во изминатите 24 часа интервенирано е на уште 31 локација низ државата, каде што пожарите се целосно изгасната. Изминатото деноноќие беа забележани вкупно 37 пожари на отворено, главно на стрништа, сува трева и напуштени земјоделски површини.