Пожар во срцето на Тирана: Десетици повредени во драматична борба со огнената стихија во „Арлис“

Голем пожар го зафати станбено-деловниот комплекс „Арлис“ во Тирана, при што се повредени најмалку 11 лица. Пожарникарските екипи со масовна интервенција успеаја да го локализираат огнот, додека истрагата за причините е во тек.

Во голем пожар што го зафати станбено-деловниот комплекс „Арлис“ во Тирана, најмалку 11 лица се повредени, а дел од нив се здобиле со посериозни изгореници, соопштија албанските надлежни служби. Огнената стихија избувнала во еден од деловите на зградата и брзо се проширила на повеќе катови, предизвикувајќи голема материјална штета и паника меѓу жителите.

Според директорот на Службата за вонредни состојби на Албанија, Арбен Кара, пожарот бил ставен под контрола по интензивна интервенција на противпожарните екипи, со што е спречено неговото ширење кон околните станбени кули.

„Го локализиравме пожарот за да не се прошири на соседните објекти, но сè уште има активни жаришта и се работи на нивно целосно гаснење“, изјави Кара, додавајќи дека интервенцијата била сложена и дека биле ангажирани сите расположливи капацитети.

Огнот, како што појаснуваат службите, го зафатил североисточниот дел од зградата, од приземјето до најгорните катови, при што се предизвикани значителни оштетувања на објектот. Во гаснењето учествувале повеќе од 50 пожарникари од Тирана и други градови, како и припадници на албанската армија.

Итната медицинска служба потврди дека меѓу повредените има и пожарникари. Според директорот на итната помош, Скендер Братај, една жена е хоспитализирана со изгореници на околу 15 отсто од телото, но нејзината состојба е стабилна и не е во животна опасност.

„Пет лица се задржани на токсикологија, а бројот на повредени сè уште се утврдува“, изјави Братај.

И додека екипите продолжуваат со гаснење на преостанатите жаришта, причините за избувнувањето на пожарот засега не се познати и се предмет на истрага.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни