Хеликоптер и пожарникари спречија ширење на огнот кон куќите во Тетово

Огнот избил над православните гробишта по детска игра со сунгери, а деветте налети на полицискиот хеликоптер го пресекоа патот кон шумата.

Полициски хеликоптер и тетовските противпожарни екипи денес околу 11 часот спречија катастрофа во населбата Дреноец, ставајќи го под контрола опасниот пожар во Тетово кој изби во близина на куќите над православните гробишта. Огнот се ширеше со голема брзина кон шумата и тетовското Кале, но по девет прецизни воздушни налети и влечење црева по стрмниот терен, огнената стихија е совладана.

Огнот пламнал ненадејно меѓу куќите на работ од населбата Дреноец и веднаш тргнал да се шири кон ридот и густата вегетација во насока на Калето.

Полицискиот хеликоптер фрли вода во девет наврати директно врз критичните точки. Ваквото дејство од воздух беше пресудно да се сопре фронтот на огнот пред да зафати поголема шумска површина на Шар Планина.

На земја, тетовските пожарникари водеа директна битка на исклучително тежок и непрооден терен. За да стигнат до пламените јазици, тие мораа рачно да извлечат противпожарна линија од камионот во должина од 300 до 400 метри низ стрмнини и густи грмушки.

По запирањето на главното ширење, пожарникарите со напрсници и метли се искачија од горната страна на ридот за целосно доизгаснување на скриените жаришта. Локалното население исто така се вклучило во првите минути од пожарот за да помогне во спасувањето на куќите.

Првичните информации од терен укажуваат дека пожарот настанал поради детска игра, откако биле запалени сунгери во близина на објектите, по што пламенот за неколку секунди се проширил на сувата трева.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, упати апел до граѓаните на максимална будност и внимателност со децата, предупредувајќи дека ваквото невнимание за малку ќе предизвикаше трагедија во густо населениот појас.

е-Трн да боцка во твојот инбокс