Пожарите во Франција и Шпанија се најголеми досега, топлотниот бран ги разгорува

Во Шпанија изгореа над 77.000 хектари, додека кај Бордо се евакуираат сите кампови пред очекуваните 40 степени.
Фото: EPA/SOPHIE GARCIA

Нов, четврти, топлотен бран со температури до 40 степени Целзиусови ја зафаќа западна Европа и дополнително ја отежнува борбата со која се соочуваат пожарникарите. Додека пожарите во Франција и Шпанија веќе уништија повеќе од 100.000 хектари површина, властите во Авила и регионот околу Бордо спроведуваат масовни превентивни евакуации на десетици илјади жители и туристи поради огнот кој сè уште не е ставен под контрола.

Најкритична е состојбата во шпанската покраина Авила, каде што огнот што започна кај Бургохондо стана најголемиот регистриран пожар во историјата на земјата. Опожарени се повеќе од 50.000 хектари, а линијата на огнот се протега на речиси 160 километри.

Заедно со пожарите во областа на Мадрид и Толедо, вкупната уништена површина надминува 77.000 хектари. Властите во Авила евакуираа околу 40.000 жители, додека уште 9.000 луѓе имаат наредба да не ги напуштаат своите домови. Вкупно 40 општини се погодени од овие мерки. Повеќе од 400 пожарникари и припадници на копнените служби работеа во текот на ноќта за да го запрат огнот пред повторното покачување на температурите. Регионалната влада на Кастиља и Леон издаде предупредување за висок ризик до 31 јули, со најавени температури до 39 степени и влажност на воздухот под 10 проценти.

Во францускиот департман Жиронда, огнот досега пеплоса 42.000 хектари и принуди евакуација на повеќе од 200.000 луѓе. Иако пожарот во текот на ноќта не се прошири, на теренот се борат 2.750 пожарникари и 1.500 војници поддржани од 18 летала.

Градот Лакано, западно од Бордо, започна превентивна евакуација на сите кампови крај езерото и океанот за да го олесни движењето на итните служби. Општината организира превоз за луѓето кои немаат сопствено возило до прифатниот центар, додека локалното население е замолено да ги избегнува градските сообраќајници. Најактивното жариште останува на 15 километри од метрополитенската област на Бордо. Градоначалникот Томас Казенав потврди дека евакуација на самиот град засега не е планирана.

Француската метеоролошка служба „Метео-Франс“ најавува дека температурите на југозападатот ќе достигнат 37 степени, додека за среда се очекува пикот со температури до 40 степени Целзиусови. Сушата е полоша отколку во истиот период во 2022 и 2025 година, што драматично ја зголемува опасноста од нови разгорувања.

Концентрацијата на штетните честички PM2.5 во Бордо премина 100 микрограми на кубен метар, што е неколкукратно над безбедносната граница од 15 микрограми дефинирана од Светската здравствена организација. Иако промената на ветерот малку го подобри квалитетот на воздухот во градот, чадот од пожарите и понатаму претставува ризик за здравјето на населението.

е-Трн да боцка во твојот инбокс