Големи пожари избувнаа на две различни локации во Грција, предизвикувајќи тревога кај населението и ангажирање на голем број противпожарни екипи.
На островот Крит, пожар избувнал во магацин за дрва во областа Агиос Јоанис Хостос во Ираклион, објави 4news.mk. Поради големото количество лесно запаллив материјал, огнот брзо се проширил кон околните објекти.
Магацинот бил целосно уништен, а штета претрпеле и неколку куќи и деловни простории во близина.
Поради густиот чад што се надвиснал над градот, бил активиран системот за итни предупредувања 112, а жителите добиле препорака да останат во домовите и да ги затворат прозорците.
Во гаснењето учествувале 95 пожарникари
Во акцијата за гаснење на пожарот на Крит учествувале 95 пожарникари со 18 возила, специјализирани единици и хеликоптер.
До вечерните часови пожарот бил ставен под контрола, а нема информации за повредени лица.
Голем пожар и кај Орхоменос
Истовремено, голем пожар избувнал и во земјоделско-шумска област кај Орхоменос, во регионот Беотија.
Поради ширењето на огнот биле мобилизирани повеќе од 100 пожарникари, пешадиски тимови, волонтери и десетици возила.
Во гаснењето од воздух учествувале десет авиони и три хеликоптери, со цел да се спречи понатамошно ширење на огнената стихија, објави 4news.mk.
Надлежните соопштија дека блиските населени места не биле директно загрозени, а активниот огнен фронт бил локализиран по повеќечасовна борба.
Пожарникарите остануваат на терен
Пожарникарите останале на терен поради опасноста од повторно активирање на жариштата.
Истрагите за причините за двата пожари се во тек.