Силните ветрови утринава продолжија да ги разгоруваат шумските пожари на грчките острови Крит и Лезбос. Најкритична е состојбата во јужниот дел на Крит, каде што властите наредија итна евакуација на туристите и локалното население, додека противпожарните екипи водат тешка битка со огнената стихија. Чадот од големите пожари веќе допре и до главниот град Атина.
Главното жариште на Крит е лоцирано во регионалната единица Ретимно, во близина на селата Крија Вриси и Орне, како и крајбрежното туристичко место Агија Галини. Властите синоќа испратија порака преку системот за итни случаи „112“, по што започна евакуација на Агија Галини. Меѓу префрлените на безбедно има и бројни странски туристи.
Greek Coast Guard: 29 people rescued after jumping into the sea to escape wildfires on Crete. pic.twitter.com/JB0N7A6wX1
— Open Source Intel (@Osint613) July 30, 2026
На терен се ангажирани противпожарни авиони, копнени екипи, доброволци и општински цистерни. Седум амбулантни возила се во состојба на готовност, а Здружението на хотелиери од Ретимно прибира податоци за слободни сместувачки капацитети за згрижување на евакуираните.
Метеоролошките услови дополнително ја компликуваат ситуацијата. На Крит и понатаму важи предупредувањето од четврта категорија за многу висок ризик од пожари. Според податоците од Националната опсерваторија во Атина, во јужниот дел на Ретимно се регистрирани удари на ветар со брзина до 125 километри на час. Метеоролозите најавуваат дека северните ветрови во Егејското Море може да достигнат јачина до девет степени според Бофоровата скала.
Активен пожар беснее и на островот Лезбос, во близина на градот Пломари. Во гаснењето таму учествуваат 50 пожарникари со 13 противпожарни возила и шест летала. Службите за спасување низ цела Грција остануваат во состојба на висока готовност поради ризикот од дополнително ширење на пожарите.