Најмалку 27 лица загинаа, а 63 се повредени во пожар што избувна во ноќен локал во Бангкок, главниот град на Тајланд. Според локалните власти, 22 од повредените се во критична состојба и се хоспитализирани.
Пожарот избувнал околу полноќ, а густ чад за кратко време го исполнил локалот. Очевидци сведочат дека многу посетители останале заробени бидејќи излезите за итни случаи биле делумно блокирани, што значително ја отежнало евакуацијата.
Првичните информации покажуваат дека пожарот најверојатно бил предизвикан од краток спој на клима-уред поставен на таванот. Огнот започнал во предниот дел од локалот и брзо се проширил, поради што голем број гости се упатиле кон задниот дел од објектот во обид да се спасат.
Гувернерот на Бангкок изјави дека едниот противпожарен излез бил попречен со гајби со пијалаци, додека пред вториот имало маса, што дополнително ја забавило евакуацијата. Форензичките екипи продолжуваат со увидот за целосно да ги утврдат причините за трагедијата.
Пожарникарите кои први пристигнале на местото на несреќата изјавиле дека затекнале силен пожар и густ чад низ целиот објект. Голем дел од преживеаните имале изгореници или покажувале симптоми на труење со чад, додека спасувачките екипи со часови пребарувале низ уништениот локал во потрага по жртви и евентуално преживеани.