Се запали стан во Нов Белград, семејството спасено во последен момент

Пожарникари со пет возила интервенирале повеќе од два часа, а како можна причина се споменува полнач за мобилен телефон, иако истрагата допрва треба да го потврди тоа.

Стан во станбена зграда во Нов Белград речиси целосно изгоре во пожар што избувнал ноќеска околу 2 часот по полноќ. Од станот навреме се спасиле баба, дедо и нивните внуци, а според српските медиуми нема повредени лица.

Пожарот избувнал во зграда на Гандијева улица, во Блок 64. Огнот брзо го зафатил станот, а пламенот и чадот предизвикале оштетувања и во околните станови. Дел од станарите биле евакуирани, додека пожарникарите работеле на спречување на ширењето на огнот низ зградата.

На терен биле испратени 15 пожарникари со пет противпожарни возила. Според првичните информации што ги пренесуваат српските медиуми, постои сомнеж дека пожарот можеби бил предизвикан од полнач за мобилен телефон, но точната причина допрва треба да ја утврди истрагата.

Сведоци за српските медиуми раскажуваат дека станарите биле разбудени од сирени, чад и врева во зградата. Некои од нив веднаш излегле надвор, додека пожарникарите и полицијата интервенирале на местото на настанот.

Иако семејството од станот поминало без повреди, материјалната штета е голема. Станот е уништен, а оштетувања има и на делови од зградата и на околните станови. За случајот е известено и надлежното обвинителство, а увидот треба да покаже што точно го предизвикало пожарот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс