Две лица загинаа во пожарот што избувна во селото Лити, во близина на Солун, јави дописничката на МИА од Атина.
Бројот на жртви се зголеми откако доцна синоќа беше пронајдено уште едно тело во куќа во шумската област во близина на селото. Иако телото сè уште не е официјално идентификувано, според првичните информации, најверојатно станува збор за 12-годишното дете кое се водеше како исчезнато.
Од Противпожарната служба на Грција информираа дека телото било пронајдено во куќа во општината Ореокастро, кај Солун.
Претходно, во текот на вчерашниот ден, за време на гаснењето на пожарот, пожарникарите пронашле тело на маж во близина на истата куќа.
Во пожарот била спасена и жена со изгореници, која со возило на итната помош била пренесена во болница.
Пожарот се проширил поради силниот ветер
Пожарот избувна вчера пред 15 часот и првично зафати ниска вегетација.
Поради силниот ветер, огнот брзо се проширил кон шумскиот дел и стигнал до првите куќи во селото Лити.
Преку бројот 112 за итни случаи, до жителите на селото била испратена порака за евакуација кон локалниот стадион.
Според последните информации, пожарот утрово е без активно жариште, а противпожарните екипи остануваат на терен.