Пожарот предизвика материјална штета на повеќе куќи и јавни објекти, вклучувајќи ја и локалната станица за прочистување на отпадни води. Во гаснењето повредени се двајца противпожарници.
Поради штетите врз електричната мрежа, регионалните власти веќе транспортираат големи агрегати за струја за напојување на пумпните станици и клучната инфраструктура. Општина Касандра ги отвори спортските сали и стадионите во Касандрија и Калитеа за сите кои мораа да ги напуштат домовите и сместувањата.
Секторот за туризам реактивираше специјална дигитална платформа за вонредно сместување. Хотелиерите од Халкидики и Солун ги ставија на располагање слободните соби за евакуираните туристи и жители, што е посебен предизвик бидејќи популарното полуархипелашко подрачје за време на празникот Голема Богородица бележи исполнетост од над 90 отсто.
Огнот го погоди најважниот шумарски појас во централниот дел на Касандра, познат по густите медитерански борови кои претходно го преживеаја катстрофалниот пожар од 2006 година. На теренот сè уште дежураат стотици противпожарници, специјални копнени единици, помош од Молдавија и локална механизација за да се спречи повторно распламнување поради најавените силни ветрови со брзина над 100 километри на час.