Хотелиерите на Халкидики ќе ги згрижат евакуираните од пожарот во Сивири

Хотелиерите од Халкидики и Солун, во соработка со грчкото Министерство за туризам и Цивилната заштита, отворија бесплатни капацитети за сместување на сите граѓани и туристи погодени од шумскиот пожар што избувна кај Сивири, на првиот крак Касандра. Општината веќе активираше локални засолништа, а евакуацијата се одвива и по морски пат.

Исполнетоста на хотелите на Халкидики во моментов надминува 90 проценти. Поради тоа, Здружението на хотелиери побара помош од колегите во Солун за да се покријат потребите на сите луѓе чии домови или сместувања беа загрозени од огнот. Преку посебна платформа на Грчката хотелска комора, хотелиерите ги пријавуваат слободните соби во кои можат веднаш да ги примат евакуираните.

Општина Касандра го активираше оперативниот план за вонредни ситуации и одреди неколку локации за привремен престој. Во Касандра за загрозените се отворени црквите „Рождество на Пресвета Богородица“ и „Свети Христофор“, градскиот стадион и спортската сала. Во Калитеа, граѓаните и туристите можат да се засолнат во спортскиот центар, локалниот стадион и општинскиот паркинг.

Заради брзото ширење на пламенот кон населените места, дел од туристите и локалното население се евакуираат со бродови кон марината Сани. Надлежните апелираат да се следат упатствата од противпожарната служба, полицијата и пораките од бројот 112 за итни случаи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс