Големиот пожар што вчера наутро избувна во областа Виотија, во централна Грција, сè уште не е ставен под контрола. На терен интервенираат повеќе од 300 пожарникари, а во текот на ноќта преку бројот 112 за итни случаи биле испратени пораки за превентивна евакуација на четири населени места, јави дописничката на МИА од Атина.
Пожарот брзо се проширил поради силниот ветер, кој и утрово дува во областа, а активни се неколку жаришта.
Евакуации и по копно и по море
Во текот на ноќта биле испратени пет пораки од бројот 112 до жителите и лицата кои се наоѓале во четири населени места во близина на пожарот, со повик за евакуација.
Утрово, 12 лица биле евакуирани по морски пат од крајбрежното место Порто Гермено, со пловни средства на противпожарната и крајбрежната служба.
Евакуации по морски пат имало и вчера, кога, според МИА, 254 лица биле пренесени на безбедна локација.
Воздушното гаснење го отежнува силниот ветер
Противпожарните сили денеска дополнително се зајакнати. На терен интервенираат 325 пожарникари со 18 пешадиски тима и 92 возила, а помагаат и волонтери и цистерни од општината.
За гаснење од воздух на располагање се 18 авиони и 11 хеликоптери, но нивната интервенција зависи од временските услови. Силниот ветер утрово го попречува воздушното гаснење.
Министерот за климатски кризи и цивилна заштита, Евангелос Турнас, доцна синоќа бил во Порто Гермено, каде што се наоѓа едно од жариштата, и на терен бил информиран за развојот на состојбата.
Чадот стигнал до северна Африка
Според сателитските снимки обработени од метеоролошката служба на Националната опсерваторија во Атина, чадот од пожарот во Виотија, како и од вчерашните пожари на Пелопонез и во Атика, стигнал до бреговите на северна Африка, поминувајќи над 750 километри.
Освен пожарот во централна Грција, активен е уште еден пожар во северниот дел на Пелопонез, кој избувна вчера попладне. Утрово таму интервенираат 75 пожарникари со четири пешадиски тима, 21 возило и цистерни од општината. И во оваа област во текот на ноќта биле испратени пораки од 112 за превентивна евакуација.
На островот Крит, јужно од градот Ретимно, состојбата со големиот пожар што избувна во средата е значително подобрена, но противпожарните сили остануваат на терен поради можни повторни разгорувања.