Повеќе дипломи, помалку работни места: зошто образованието во Македонија не ги штити жените на пазарот на труд?

Во Македонија, жените сочинуваат над 61 отсто од сите магистри стекнати во 2025 година. На факултетите дипломираат повеќе жени отколку мажи. Во основно и средно образование, учеството е речиси рамно. А потоа доаѓа пазарот на труд, каде стапката на вработеност на жените во 2024 година изнесува 37,9 отсто, наспроти 55,9 отсто кај мажите. Разликата е 18 проценти. Тоа не е случајно. Тоа е структурно.

Основно и средно oбразование: речиси рамноправно, но не сосема

Во основното и средното образование, Македонија постигнала речиси целосна родова рамноправност по бројноста. Индексот на родова паритетност за бруто стапката на запишување во основно и средно образование изнесува 0,988, каде вредноста 1,0 значи совршена рамноправност, а вредноста под 1,0 значи поголемо учество на момчињата. Со поедноставени зборови: речиси еднакво, со мало заостанување на девојчињата.

Но во бројките за средното образование се крие важна празнина. Бруто стапката на запишување на жените во долното средно образование изнесувала 88,39 отсто во 2018 година, последниот расположлив податок на Светска банка. Тоа значи дека речиси 12 отсто од девојчињата во соодветната возраст не биле опфатени. Дел од таа бројка ги крие ромските општини и руралните средини, каде ранобрачноста и трговијата со труд на деца ги исклучуваат девојчињата порано.

Извештајот за анализа на образовниот сектор во Македонија на УНЕСКО за 2024 година потврдува дека сиромаштијата е главниот фактор за необфатеноста, со поизразен ефект врз девојчињата во маргинализираните заедници.

На факултетите се запишуваат се жени

Во високото образование сликата е различна и во земјава има повеќе студентки отколку студенти. Тоа се гледа преку индексите кои покажуваат дека жените се побројни на факултетите. Податоците покажуваат дека во последните околу 20 години, жените во континуитет се повеќе запишуваат на факултет од мажите. Најголемата разлика била во 2004 година, а и денес трендот продолжува.. Македонија веќе две декади има повеќе студентки отколку студенти.

Кај магистерските студии исто така доминираат жените, кои сочинуваат над 61 отсто од вкупниот број магистри стекнати во 2025 година. Светскиот економски форум во извештајот за 2024 година ја рангирал Македонија на прво место во образовната рамноправност, мерена преку пристапот до образование и постигнувањата.

СТЕМ -машки бастион

Рамноправноста во бројките на факултетите не значи рамноправност во изборот на студиски програми. Тука се крие еден од клучните механизми преку кои образовниот напредок не се пренесува на пазарот на труд.

Глобално, жените сочинуваат само 35 отсто од дипломираните во СТЕМ области, без напредок во последните десет години, покажуваат нови податоци на УНЕСКО објавени во Родовиот извештај на ГЕМ за 2024 година. Во земјите на ОЕЦД, жените сочинуваат само 31 отсто од оние кои влегуваат во СТЕМ програми, наспроти над 75 отсто во образованието, здравствената заштита и социјалната работа.

Македонија бележи исклучок во регионот. Процентот на жени меѓу дипломираните во СТЕМ области во Македонија пораснал од 40 на 50 отсто, еден од трите најголеми пораста регистрирани во Европа. Но тој пораст не се пренесол на пазарот на труд.

Истражувањето на УНДП за жените во СТЕМ во Македонија откри дека неплатената домашна работа сè уште се перцепира како одговорност на жените, ограничувајќи го нивното работно ангажирање надвор од работното време. Перцепцијата на мајчинството во општеството и очекувањата дека мајките се примарни старатели се сметаат за главна бариера во градењето кариера во СТЕМ областите.

Во информатичко-комуникациските технологии, само шест лица стекнале докторска титула во 2025 година, со значително поголема застапеност на мажите. Во секторот каде растот и платите се највисоки, жените остануваат на маргините.

Пазарот на труд, место каде образовниот напредок застанува

Стапката на вработеност на жените во 2023 година изнесувала 37,9 отсто, додека кај мажите е 55,9 отсто. Родовиот јаз во стапката на вработеност достигнува 18 отсто. Жените поретко се јавуваат во улогата на работодавачи, само 27,2 отсто, а во неформалното вработување нивното учество е 28,2 отсто. Стапката на вработеност на девојките и жените на возраст 15 до 24 години изнесува 27,6 отсто, наспроти 39,3 отсто кај момчињата и мажите од истата возрасна група. Со 57,2 отсто, жените кои се економски неактивни го сочинуваат мнозинството.

Македонските жени се соочуваат со значителен родов јаз во платите, заработувајќи дури 13,5 отсто помалку во однос на мажите. Фрапантен е и податокот дека 80 до 90 отсто од македонските работници кои примаат минимална плата се жени.

Хоризонтална и вертикална сегрегација: двата ѕида

Државниот завод за статистика во публикацијата „Жените и мажите во Северна Македонија” за 2025 година го именува механизмот директно. Жените доминираат во финансискиот, образовниот и здравствениот сектор, додека големо мнозинство од вработените во рударството, градежништвото и транспортот се мажи. „Овој тип вертикална сегрегација на пазарот на трудот ги одразува распространетите стереотипи за компетенциите на жените и на мажите, како и идеите за родовата поделба на трудот.”

Двата ѕида делуваат истовремено. Хоризонталната сегрегација значи дека жените и мажите работат во различни сектори, при тоа „женските” сектори се пониско платени. Вертикалната сегрегација значи дека дури и во истиот сектор, жените ретко ги достигнуваат раководните позиции. Во Владата на Република Македонија по изборите во 2024 година, има само три жени министерки од вкупно 18 министерства, застапеност од 12,5 отсто.

Регионот: Македонија не е исклучок, но е меѓу полошите

Западниот Балкан ги дели истите структурни проблеми. Жените во Западен Балкан се вработени речиси 20 отсто помалку од мажите. Родовиот јаз во платите во регионот се проценува на 9 до 12 отсто, иако честопати е прикриен поради високото ниво на неформално вработување и ограничената транспарентност на платите. Според заедничка анализа на УНДП и Регионалниот совет за соработка, пензиите на жените во регионот се околу 40 отсто пониски од оние на мажите, како резултат на години со пониски плати и прекини во кариерите.

Македонија се наоѓа во средината на регионалната скала по родов јаз во вработеноста, со полоши показатели од Хрватска и Словенија, и слични на Србија и Босна и Херцеговина. Разликата е таа дека Македонија ги надминала регионалните сосетки по образовна рамноправност, но заостанала по пренос на тоа образование во економска независност.

Светска банка во анализата за Македонија за 2025 година ја именува ниската стапка на учество на жените на пазарот на труд меѓу трите клучни предизвици кои го ограничуваат создавањето работни места, заедно со младинската невработеност и регионалните диспаритети.

Зошто дипломата не е доволна?

Истражувањето на Меѓународната финансиска корпорација на Светска банка „Затворање на родовиот јаз во образованието и вработувањето” од март 2025 година ги набројува механизмите преку кои образовниот напредок не се пренесува на економски напредок: неплатена грижа за семејството коjа паѓа несразмерно на жените, недостаток на достапни услуги за грижа за деца, дискриминација при вработување и непроѕирни процеси на унапредување. Недостатокот на национални стипендии наменети специфично за жени во СТЕМ областите е дополнителна структурна бариера идентификувана во истражувањето на УНДП за Македонија.

Истражувањето на Европскиот институт за родова еднаквост покажува дека намалувањето на родовите јазови во лидерството може да го зголеми БДП на ЕУ за 6,1 до 9,6 отсто до 2050 година, еквивалентно на околу три трилиони евра. За земја-кандидат каква што е Македонија, тоа не е само прашање на правда.

Тоа е прашање на економски раст. Жена која дипломирала, магистрирала и потоа не можела да работи или работи за 13,5 отсто помала плата, не е само лична загуба. Таа е измерлива економска штета на целата земја.

е-Трн да боцка во твојот инбокс