Тројно убиство го потресе градот Исла Кристина во јужна Шпанија, откако напаѓач со мотор отворил оган пред семејна куќа и убил бремена жена, нејзината мајка и нејзиниот син. Во нападот што се случи во неделата навечер, уште едно лице е тешко рането и се бори за живот во болница. Шпанските власти спроведуваат опсежна потера по напаѓачот, додека првичните сознанија од истрагата укажуваат на крвава семејна одмазда.
Трагичниот инцидент се случил во населбата Росио, кога машко лице се приближило до домот на жртвите на мотоцикл. Според информациите од локалните медиуми, тој веднаш почнал да пука кон членовите на семејството кои се наоѓале пред куќата, по што веднаш побегнал од местото на настанот.
Телата на трите починати лица биле пронајдени на самата улица. Екипите на итната медицинска помош успеале да ја транспортираат четвртата жртва во болница, каде што лекарите се борат за нејзиниот живот.
Истражителите од Граѓанската гарда и локалната полиција ја поврзуваат оваа трагедија со долготраен конфликт меѓу две семејства. Според првичните податоци, судирот започнал во септември минатата година со убиство на еден маж во Уелва.
Трите жртви од неделниот напад се во блиска роднинска врска со осомничениот за минатогодишното убиство, станува збор за неговата сестра, мајка и внук. Меѓу двете фамилии и претходно биле забележани повеќе насилни инциденти и пукања на истото подрачје, поради што полицијата претпоставува дека овој напад претставува директен чин на одмазда.
Сите расположиви полициски сили на поголемото подрачје околу Исла Кристина се активирани за да се лоцира и уапси бегалецот. Поставени се контролни пунктови на клучните сообраќајници, додека истражните органи продолжуваат со прибирање материјални докази од местото на злосторството.