Посебен сообраќаен режим во Скопје во недела, возачите да ги избегнуваат овие улици

Скопје во недела ќе функционира со изменет сообраќаен режим поради одржување на атлетска улична трка во Аеродром. Неколку клучни булевари и улици ќе бидат привремено затворени, а сообраќајот ќе биде пренасочуван. Од МВР апелираат возачите навреме да ги испланираат маршрутите и да ги почитуваат насоките на полицијата на терен.

Во недела, 22 март, во периодот од 07:30 до 11:30 часот, во Скопје ќе биде воведен посебен сообраќаен режим поради одржување на атлетска улична трка. Настанот ќе се одвива во општина Аеродром, а стартно-целната зона ќе биде поставена на булеварот „Јане Сандански“. 

Поради непречено и безбедно одвивање на трката, полицијата ќе воведе привремени затворања и пренасочувања на повеќе важни сообраќајници. Под посебен режим ќе бидат делови од булеварот „Јане Сандански“, улицата „Васко Карангелевски“ и булеварот „АСНОМ“, каде движењето ќе биде ограничено додека трае спортскиот настан. 

Според информациите од МВР, натпреварувачите ќе се движат по делот од булеварот „Јане Сандански“ од крстосницата со булеварите „Србија“ и „Видое Смилевски Бато“ до улицата „Владимир Комаров“, потоа по „Васко Карангелевски“ до булеварот „АСНОМ“, како и по дел од булеварот „АСНОМ“ до крстосницата со „Киро Глигоров“. Сообраќајот во овој период ќе се пренасочува по околните улици. 

Од Министерството за внатрешни работи апелираат граѓаните да покажат трпение, да избегнуваат движење во овој дел од градот ако немаат неодложна потреба и строго да ги почитуваат наредбите на полициските службеници. Надлежните очекуваат нормализирање на сообраќајот веднаш по завршувањето на трката. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни