Порази на стартот од Медитеранските игри за македонските репрезентации во Италија

Женските репрезентации во ракомет и одбојка не успеаја да направат изненадување на отворањето на турнирот во Таранто.

Македонските женски репрезентации во ракомет и одбојка со порази го започнаа настапот на Медитеранските игри во италијанскиот град Таранто. Ракометарките испуштија водство од четири гола на полувремето и загубија од Грција со 25-31, додека одбојкарките беа убедливо совладани од Турција со максимални 0-3 во сетови.

Женската ракометна селекција одигра силно прво полувреме против Грција, заминувајќи на пауза со предност од 14-10. Сепак, во вторите триесет минути дојде до остар пад во играта и лоша реализација во нападот, што противничкиот состав го искористи за целосен пресврт.

Капитенот Леона Миленкоска беше најрасположена за игра во македонскиот тим и го заврши натпреварот со десет постигнати гола. Кај Грција најефикасни беа Ментесиду и Кукмиси со по пет погодоци. Во рамките на групата, ракометарките ги очекуваат дуели против селекциите на Тунис, Алжир, Италија и Косово во борбата за пласман во полуфиналето.

Женската одбојкарска репрезентација немаше сили да му се спротивстави на фаворизираниот состав на Турција, губејќи го мечот во три сета (4-25, 16-25, 15-25). Избраничките на селекторот Милош Гавриловиќ влегоа грчевито во натпреварот и во првиот сет освоија само четири поени.

Иако во следните два сета македонските одбојкарки покажаа подобра игра и пружија поголем отпор, квалитетот на противникот беше пресуден. Ова е втор настап за женската одбојкарска селекција на Медитеранските игри по дебито во Оран во 2022 година. Во групата Б противници на Македонија се уште и селекциите на Грција, Алжир и Косово, против кого се игра следниот меч.

е-Трн да боцка во твојот инбокс