Пораз за Apple во Европа: Судот ја отфрли жалбата против Законот за дигитални пазари на ЕУ

Општиот суд на ЕУ ја одби жалбата на Apple против Законот за дигитални пазари. Одлуката ја зајакнува позицијата на европските регулатори кон технолошките гиганти.

Компанијата Apple претрпе правен пораз во Европската унија откако Општиот суд на ЕУ ја отфрли нејзината жалба против примената на Законот за дигитални пазари (Digital Markets Act – DMA). Судот застана на страната на европските регулатори за заштита на конкуренцијата, кои сметаат дека платформите на Apple мора да бидат поотворени за конкурентите и да им овозможат на корисниците поголем избор.

Apple сега има можност да поднесе жалба до Судот на правдата на Европската унија, највисокиот европски суд.

ЕУ ги третира Apple платформите како „чувари на пристап“

Законот за дигитални пазари стапи на сила во мај 2023 година и воведе посебни правила за најголемите дигитални компании, означени како таканаречени „чувари на пристап“ (gatekeepers). Европската комисија претходно одлучи дека петте продавници за апликации на Apple – на: iPhone ,iPad , Mac компјутерите, Apple TV и Apple Watch треба да се сметаат за една единствена основна платформска услуга според европското законодавство.

Судот оцени дека, без оглед на уредот, сите овие продавници имаат иста функција – да ги поврзат развивачите на апликации со крајните корисници.

Apple предупредува на ризици за приватноста

Од компанијата реагираа дека Законот за дигитални пазари оди подалеку од она што е законски и пропорционално.

„Цврсто веруваме дека мандатот на Законот за дигитални пазари ја надминува законската и пропорционалната рамка, загрозувајќи ги децениските стандарди за приватност и безбедност што ги изградивме“, изјави портпаролот на Apple.

Компанијата тврди дека новите правила можат да ги изложат корисниците на дополнителни безбедносни ризици.

Спор и околу iMessage

Apple ја оспори и одлуката поврзана со оперативниот систем iOS, кој ЕУ го смета за важен канал преку кој компаниите стигнуваат до корисниците. Компанијата се спротивстави и на разгледувањето на iMessage како услуга за меѓучовечка комуникација независна од бројот (NIICS), категорија која може да биде предмет на дополнителни европски правила.

Сепак, судот оцени дека самата класификација не создава автоматски обврски за Apple, бидејќи iMessage не била вклучена во конечната одлука како клучен „чувар на пристап“.

Нов удар врз големите технолошки компании

Одлуката претставува важна победа за Европската комисија во нејзините напори да ја ограничи моќта на најголемите дигитални платформи. Покрај Apple, примената на Законот за дигитални пазари предизвика правни предизвици и од други технолошки гиганти, меѓу кои Meta Platforms и ByteDance, сопственикот на TikTok.

Европската унија со DMA се обидува да создаде порамноправен дигитален пазар, со повеќе конкуренција и поголем избор за европските корисници.

е-Трн да боцка во твојот инбокс