На 17 октомври 1814 година, централниот лондонски кварт Сент Џајлс беше поплавен од црн бран тежок преку илјада тони ферментиран портер. Огромна дрвена цистерна во пиварницата „Хорс шу“ попушти под внатрешен притисок, уривајќи ги фабричките ѕидови и соседните станбени згради. Во бизарната катастрофа животот го загубија осум лица, главно жени и деца од сиромашни ирски семејства кои живееја во подрумските простории на улицата Њу стрит.
Пиварницата „Хорс шу“ на компанијата „Мојкс енд партнерс“ беше сместена на аголот меѓу улиците Тотенхем корт роуд и Оксфорд стрит, на самата граница со пренаселениот и сиромашен кварт Сент Џајлс. Во оваа индустриска зона пиварниците се натпреваруваа кој ќе изгради поголеми каци за созревање на лондонскиот портер – темното, евтино и популарно пиво меѓу работничката класа.
Кацата што предизвика пустош беше вистински архитектонски монструм: висока седум и пол метри, со дијаметар од речиси 18 метри, врзана со 29 масивни железни обрачи. Во неа ферментирале повеќе од 3.500 барели пиво.
Околу 16:30 часот, инспекторот во пиварницата Џорџ Крик забележал дека еден од обрачите тежок околу 300 килограми паднал на подот. Наместо итна евакуација или празнење на течноста, надзорникот му рекол да напише белешка до сопствениците и дека дефектот ќе се поправи подоцна. Оваа пракса не била непозната во погонот, бидејќи обрачите често попуштале под постојаните вибрации и ферментацијата.
Во 17:30 часот дрвената конструкција целосно се распаднала. Ослободувањето на огромната маса течност предизвика верижна реакција, кинејќи ги вентилите и на соседните садови. Повеќе од 1,4 милиони литри течност под огромен притисок го срушија задниот ѕид од тули на фабриката, висок речиси осум метри, и како река со огромна брзина ја поправи тесната уличка Њу стрит.
Бранот висок речиси пет метри влетал директно во подрумските домови, познати како „rookeries“ – влажни, нехигиенски живеалишта каде што под кирија преживуваа цели семејства лондонски физички работници.
Катастрофата удри директно во домот на семејството Бамфилд. Четиригодишната Хана Бамфилд пиела чај со мајка си Мери кога ѕидот се срушил врз нив; девојчето загинало на лице место, а мајката едвај преживеала. Неколку куќи подолу, во подрумот на семејството Бардсворт, триесетина соседи и пријатели биле собрани на традиционално ирско бдение за двегодишно момче кое починало претходниот ден. Водата измешана со алкохол и цигли го наполнила просторот до таван за неколку секунди. Пет жени, меѓу кои и мајката на починатото дете Ен Савил, се удавиле на лице место.
Меѓу жртвите биле и четиринаесетгодишната Елинор Купер, која работела како слугинка во блискиот паб „Тавасток армс“, и тригодишната Сара Бејтс.
Истрагата по катастрофата беше отворена експресно, на 19 октомври, во локалниот паб „Блек хорс“. Истражниот судија и поротниците ги сослушаа сведочењата на работниците и семејствата на жртвите. По само неколку часа расправа, поротата донесе официјална пресуда дека сите осуммина настрадале како резултат на несреќен случај предизвикан од „виша сила“ или „дејство на Господ“ (Act of God).
Со оваа правна квалификација, компанијата „Мојкс енд партнерс“ беше целосно ослободена од кривична и материјална одговорност. Пиварницата не исплати ниту едно пени за погребите или отштета за осакатените семејства.
Работничките семејства беа оставени сами да собираат милостина по улиците за да ги закопаат своите загинати деца. Од друга страна, сопствениците на пиварницата се обратија директно до британскиот парламент. Пратениците експресно им одобрија компензација за изгубената стока преку враќање на планатата акциза во вредност од над 7.000 тогашни фунти – сума што денес изнесува стотици илјади евра. Со тие пари пиварницата го обнови погонот и продолжи со работа уште цел еден век.
Оваа трагедија ги демистифицираше митовите што подоцна се раширија во јавноста, според кои граѓаните наводно се радувале и бесплатно го пиеле портерот од калта. Архивата на лондонските судови и болници потврдува дека на улиците немало забава, туку шок, паника и задушување од алкохолни испарувања кои со недели се чувствувале во Сент Џајлс.
Катастрофата од 1814 година претставува класичен пример за ран капиталистички развој без регулатива, каде што профитот и трката за капацитети беа поставени пред безбедноста на најранливите заедници. Случајот на крајот наметна целосно напуштање на дрвените цистерни и воведување на ѕидани резервоари со сигурносни вентили, поставувајќи ги првите темели на современите индустриски стандарди во Британија. На местото каде што некогаш стоеше фабриката, денес се наоѓа театарот „Доминион“.
