Помалку чекање на границите: Хрватска ќе го флексибилизира новиот европски систем

Хрватското Министерство за внатрешни работи донесе одлука за олеснување на граничните процедури за патниците кои доаѓаат од земјите надвор од ЕУ во текот на летната сезона. Доколку времето на чекање надмине 45 минути, полицијата ќе има право делумно да ги суспендира строгите биометриски проверки. Ваквиот потег доаѓа како одговор на огромните колони и притисокот врз граничните премини.

Летната туристичка сезона донесе огромни метежи на граничните премини кон Хрватска, а состојбата дополнително се комплицираше со воведувањето на новиот европски ЕЕС систем. Патниците од регионот кои патуваат кон јадранскиот брег веќе се соочуваат со повеќечасовни колони и чекања. Сепак, од Загреб пристигнуваат оптимистички вести кои би можеле значително да го олеснат патувањето во текот на летните месеци.

Хрватскиот министер за внатрешни работи, Давор Божиновиќ, официјално најави дека во случај на вонредни метежи, строгиот ЕЕС системот на границите ќе биде привремено ублажен. Надлежните појаснуваат дека граничните служби имаат законско право делумно да го суспендираат протоколот доколку се процени дека времето на чекање за влез во земјата ќе надмине 45 минути.

Ублажувањето на процедурата во пракса значи дека на граничните премини и понатаму ќе се креираат дигитални досиеја за патниците кои влегуваат, но од нив нема да се бара да оставаат нови биометриски податоци. Тоа подразбира дека во критичните денови со најголем сообраќај, пограничната полиција нема да врши скенирање на лицата и земање отпечатоци од прсти, што драстично ќе го забрза протокот на возила.

Од хрватското МВР потврдија дека ваквата краткотрајна и привремена флексибилизација веќе се користи секогаш кога ќе се покаже реална потреба на терен. Сепак, властите потенцираат дека овој дигитален механизам е пред сè наменет за подигнување на безбедноста на граѓаните во Европската Унија и дека неговото усовршување ќе продолжи без оглед на моменталните олеснувања.

Дека новиот систем веќе дава сериозни резултати во контролата на границите покажува и официјалната статистика. Со неговата ефективна примена и брзата размена на информации меѓу безбедносните служби во ЕУ, досега на околу 5.000 лица им бил експресно одбиен и спречен обидот за илегален влез на територијата на Унијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс