Стармер под огромен притисок, можна оставка во понеделник

Британскиот премиер Кир Стармер се соочува со растечки политички притисок и внатрепартиски бунт, додека се шпекулира дека би можел да поднесе оставка во понеделник. Енди Барнам ја засилува кризата во Лабуристичката партија.

Британскиот премиер Кир Стармер би можел да поднесе оставка во понеделник и да објави временска рамка за неговото повлекување од функцијата, објави „Observer“. Сепак, владин извор за Reuters изјави дека премиерот има намера да продолжи да ја води владата.

Притисокот врз Стармер, кој се зголемуваше со месеци, нагло се интензивираше откако неговиот внатрепартиски ривал Енди Барнам освои пратеничко место, со што доби можност формално да го предизвика за лидерската позиција во Лабуристичката партија. Барнам, поранешен градоначалник на Манчестер, победи на вонредните избори во округот Мејкерфилд со 54,8 отсто од гласовите.

Вонредните избори се одржаа во услови на длабока политичка криза во Британија. Лабуристите претрпеа значајни загуби на локалните избори одржани на 7 мај, при што изгубија речиси 1.500 советнички места и контрола врз 35 општини, додека реформската партија оствари големи добивки низ земјата.

Би-Би-Си проценува дека националната поддршка за лабуристите паднала на околу 20 отсто, речиси изедначена со конзервативците. Реформската партија истовремено зајакна и освои локални власти кои со децении биле под контрола на традиционалните партии. Внатрепартиските тензии дополнително се продлабочија, а дел од пратениците и министри јавно побараа оставка или најавување на заминување на Стармер. Според извештаите, повеќе од 90 лабуристички пратеници изразиле незадоволство од неговото лидерство.

Барнам, по победата, порача дека земјата се соочува со сериозни проблеми и дека е потребна политичка промена. Тој најави дека ќе се залага за „економија што работи за сите“ и повика на нов политички пристап заснован на единство и надеж.

Стармер му честиташе на Барнам, но нагласи дека останува посветен на својата функција и дека нема намера да се повлече. Тој порача дека ќе се кандидира доколку дојде до внатрепартиски избори. За да започне формална лидерска трка во Лабуристичката партија потребна е поддршка од најмалку 81 пратеник. Според последните податоци, дел од пратениците го поддржуваат Стармер, дел бараат негова смена, а значаен број сè уште немаат заземено став.

Политичките аналитичари оценуваат дека влијанието на новата политичка динамика може да доведе до сериозни промени во британската политика, а дел од проценките укажуваат дека притисокот за смена на премиерот ќе продолжи да расте.

е-Трн да боцка во твојот инбокс