Француските власти воведоа делумен ноќен полициски час во Париз, Лион и Ница по масовните протести и судири од 17 октомври. Полициската префектура во Париз одреди строга забрана за движење од 23 часот до 6 часот наутро околу плоштадот Република и квартот Ле Ал. Мерката стапува на сила веднаш, додека правосудните органи најавија построги процедури за илјадниците приведени демонстранти.
Париската полиција прецизираше дека полицискиот час опфаќа точно утврден периметар во срцето на градот. Зоната ги вклучува плоштадот Морис Кентен, улицата Бержер до булеварот Севастопол, како и делови од улицата Рамбито и преминот Ланжер.
Рестрикцијата не важи за локалните жители, вработените кои се враќаат од смена, итните служби и трговците. Сепак, за сите останати граѓани секое движење во овие делови од градот е забрането до вторник наутро. Дополнително, префектурата воведе и забрана за какви било јавни собири на овие локации уште од 20 часот.
Слични мерки презедоа и другите големи градови. Во Лион, префектот Етјен Гијо воведе забрана за движење на полуостровот Прескил од 21 часот до 6 часот наутро. Во Ница, градоначалникот Ерик Сиоти одреди ноќен полициски час за малолетници во централното градско подрачје и стариот дел на градот.
Францускиот министер за правда Жералд Дарманен соопшти дека полицијата досега изрекла 2.513 мерки притвор низ целата земја. Од нив, 67 лица веќе се задржани во затвор по брза постапка.
Дарманен испрати инструкција до сите јавни обвинителства предметите да се водат под правна квалификација за организиран криминал. Оваа мерка овозможува полицискиот притвор легално да се продолжи од 48 на 72 часа. Ваквиот правен механизам им овозможува на истражителите полесно користење на телефонско прислушување и геолакациски податоци за лоцирање на лицата кои учествуваа во палењето објекти и уништувањето дуќани.
Истовремено, Националното антитерористичко обвинителство разгледува дали да ја преземе истрагата за опожарувањето на градската куќа во Лимож, каде што во саботата протестираа околу 5.000 луѓе.
Додека безбедносните служби ги засилуваат контролите, учениците и студентите не покажуваат намера да отстапат. Во просториите на Берзата на трудот во Париз, педесетина претставници на средношколската координација одржаа генерално собрание поддржувани од синдикатот ЦГТ.
Учениците најавија нови денови на мобилизација за 22 и 24 октомври, како и за почетокот на ноември. Меѓу барањата се отвораат прашања како правото на глас на 16 години и реакциите против зголеменото полициско присуство во образовните институции. Овие тензии веќе предизвикаа институционален потрес на универзитетот Сорбона Новел, каде претседателот Даниел Мушар Зај најави оставка откако претходно повика полициска интервенција за празнење на кампусот.
Францускиот Сенат најави формирање специјална информативна мисија која ќе ги истражува пропустите во подготовката и безбедносната реакција за време на викендот.
