Франција е позната по храната и виното, но има уште една длабоко вкоренета традиција: протестите. Денешните демонстрации поради условите во образованието и трошоците за живот се последното поглавје во долгата историја на социјални и политички превирања што ја обликувале земјата.
Од освојувањето на Бастилја до булеварите на Париз денес, улицата е едно од местата каде што Французите ја водат битката за плати, права и политички промени. Понекогаш со маршеви и штрајкови, понекогаш со барикади и жестоки судири со властите.
Зад сликите на запалени автомобили и облаци солзавец стојат различни приказни: глад, нееднаквост, полициско насилство, страв од губење на стекнатите права. Во некои случаи протестите прераснувале во вооружени востанија. Во други, властите употребувале смртоносна сила против демонстранти.
1789: Кога лебот станува политичко прашање
Француската буржоаска револуција избувнува во земја притисната од финансиска криза, скап леб и длабоки сталешки разлики. Благородништвото и свештенството уживаат привилегии, додека најголемиот дел од населението го носи товарот на поредокот.
Освојувањето на Бастилја на 14 јули 1789 година станува симбол на револуцијата. Во селата се напаѓаат благороднички имоти, а во октомври илјадници жени тргнуваат кон Версај барајќи леб и го принудуваат кралското семејство да се пресели во Париз.
Борбата за преживување се поврзува со барањето за политички права. Револуцијата ги урива темелите на стариот поредок, а во 1792 година е укината монархијата.

1848: Републиката наспроти работничките барикади
Во февруари 1848 година, нова револуција ја соборува монархијата на Луј-Филип и ја создава Втората република. Но промената на политичкиот систем не ја отстранува невработеноста.
Кога републиканските власти ги затвораат Националните работилници, програмата за вработување невработени, париските работници во јуни подигаат барикади. Следуваат неколкудневни борби и воена репресија со илјадници загинати.
Јунското востание ја открива пукнатината меѓу политичката еднаквост што ја ветува републиката и социјалната нееднаквост со која продолжуваат да живеат работниците.
1871: Париската комуна и „Крвавата недела“
По поразот од Прусија и опсадата на Париз, конфликтот меѓу владата и вооружената Национална гарда прераснува во востание. Од март до мај 1871 година, Париската комуна воспоставува револуционерна самоуправа во главниот град.
Комуната презема мерки за социјална заштита, секуларизација и работнички права. Нејзиното кратко постоење завршува кога владините сили влегуваат во Париз.
Во „Крвавата недела“ следуваат улични борби, масовни стрелања и апсења, а потоа и депортации. Париската комуна останува еден од најсилните симболи на работничкото движење и на крвавото задушување на едно востание.

1961–1962: Алжирската војна на улиците на Париз
Историјата на насилството околу француските протести ја вклучува и репресијата врз луѓе што демонстрирале против дискриминацијата и колонијалната војна.
На 17 октомври 1961 година, Алжирци во Париз протестираат против дискриминаторскиот полициски час што им е наметнат. Полицијата одговара со масовни апсења и смртоносно насилство. Демонстранти се претепувани и убивани, а тела се пронаоѓаат во Сена. Точниот број на жртвите останува предмет на историски истражувања.
На 8 февруари 1962 година, полициското задушување на демонстрации против Алжирската војна и екстремистичката Организација на тајната армија, ОАС, доведува до девет смртни случаи кај париското метро „Шарон“. Настанот останува симбол на смртоносната репресија врз демонстранти.
Мај 1968: Студентскиот бунт што ја запре Франција
Студентското незадоволство од универзитетските услови и авторитарните општествени односи прераснува во отворен судир со властите. Во парискиот Латински кварт се подигаат барикади, а полициските интервенции дополнително ја разгоруваат мобилизацијата.
На студентите им се приклучуваат милиони работници. Штрајковите и окупациите на фабриките ја парализираат земјата и ја потресуваат позицијата на претседателот Шарл де Гол.
Работничката мобилизација носи значајни зголемувања на платите и проширување на синдикалните права. Мај 1968 остава и трајно културно наследство: преиспитување на авторитетот во образованието, на работното место и во секојдневниот живот.

2005: Гневот на предградијата
Смртта на двајца тинејџери, Зиед Бена и Буна Траоре, кои се криеле од полицијата во електрична трафостаница во Клиши-су-Боа, предизвикува три недели немири.
Судирите се шират низ земјата. Се палат илјадници автомобили, се оштетуваат училишта и други јавни објекти, а властите прогласуваат вонредна состојба.
Зад непосредниот повод стојат наталожени проблеми: невработеност, дискриминација, запоставени населби и длабока недоверба кон полицијата. Немирите го отвораат прашањето колку републиканското ветување за еднаквост важи за младите од предградијата.

2018–2019: „Жолтите елеци“ и цената на секојдневието
Протестот против најавеното зголемување на данокот на горивата прераснува во пошироко движење против скапиот живот, даночната неправда и политиките на Емануел Макрон.
Кружните текови и патиштата стануваат места на блокади. Жолтиот безбедносен елек станува симбол на луѓето што сметаат дека властите не ги слушаат, особено надвор од големите градски центри.
Демонстрациите се придружени и со жестоки судири, палења и ограбувања. Полициската употреба на сила остава дел од демонстрантите со тешки повреди. Владата се откажува од планираното зголемување на данокот на горивата и најавува економски отстапки.

2023: Пензиите и полициското насилство
Во 2023 година, Франција ја потресуваат два различни бранови протести и немири.
Првиот е против подигнувањето на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години. Масовните штрајкови и претежно мирните маршеви се придружени со насилни судири во дел од градовите, но властите ја спроведуваат реформата.
Вториот избувнува во јуни, по полициското убиство на 17-годишниот Наел Мерзук во Нантер. Снимката од застрелувањето предизвикува огромен гнев, а следуваат палења, ограбувања и напади врз јавни објекти. Повторно се отвораат прашањата за полициското постапување, дискриминацијата и животот во предградијата.
2026: Од училишните блокади до поширок социјален протест
Протестите поради недостигот од наставници и лошите услови во училиштата се поврзуваат со незадоволството од трошоците за живот и состојбата на јавните услуги. На демонстрациите на 17 октомври им се приклучуваат синдикати и активисти на „жолтите елеци“.
Покрај масовните мирни маршеви, во Париз и во други градови избувнуваат судири, палења и ограбувања. Нападнати се јавни објекти, а во Лимож е запалено градското собрание. Настаните повторно ја отвораат расправата за социјалниот гнев, полициското постапување и одговорноста за насилството

„Марширајте, марширајте!“
Рефренот на „Марсељезата“ ја носи Франција од револуционерните боишта до државните свечености. Но неговиот ритам одекнува и на улиците, секогаш кога граѓаните ќе решат дека повеќе не е доволно да чекаат.
Се менувале кралеви, императори, републики и претседатели. Се менувале и барањата: леб, право на глас, пократок работен ден, крај на колонијалната војна, достоинствена плата, сигурна пензија. Властите правеле отстапки, но испраќале и војска и полиција. Освоените права и загубените животи останале дел од истата историја.
Затоа, кога Франција повторно ќе излезе на улица, таму одекнуваат повеќе од два века незавршени расправии за слободата, еднаквоста и братството. Зборови запишани на јавните згради. Ветувања чие исполнување граѓаните одново го бараат пред нив.
