Полицијата заплени пушки, муниција и дрога: Уапсени пет лица во битолско

При претреси на повеќе локации во Битола, Ресен, Крушево и Македонски Брод, полицијата пронајде оружје, куршуми и марихуана.

Пет лица завршија во полициска станица по серија претреси спроведени на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Битола. Полициски службеници во одделни акции во битолско, крушевско, ресенско и во Македонски Брод пронајдоа ловечки пушки, пиштол, муниција и марихуана.

Полициски службеници од СВР Битола вчера во 15:35 часот го лишиле од слобода 20-годишниот А.Д. од селото Долно Оризари, битолско. При претрес во неговиот дом, извршен со наредба од Основен суд Битола, полицијата пронашла марихуана.

Во истото време, полициски службеници од ОВР Македонски Брод извршиле претрес во домот на 46-годишниот Б.М. во селото Брезница. Претресот бил спроведен со наредба од Основен суд Кичево, при што биле пронајдени и одземени куршуми.

Во претрес извршен во 10:35 часот, полицијата од ОВР Ресен го привела 55-годишниот П.Т. од Ресен. При претреси во неговиот дом во градот и во селото Евла, обезбедени со судска наредба, службениците пронашле ловечка пушка, 28 куршуми и испукани чаури.

Оружје било пронајдено и во крушевскиот регион. Во селото Светомитрани полицијата извршила претрес во домот на К.Т. (38), каде што одзела ловечка пушка, патрони, пиштол и две рамки за пиштол. Во градот Крушево, при претрес во домот на 48-годишниот В.Н., полициските службеници одзеле уште една ловечка пушка.

Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека по целосно расчистување и документирање на случаите, против сите пет лица ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

е-Трн да боцка во твојот инбокс