Пред остатоците на поранешниот Ѓулчилер/Шенѓул амам во Старата скопска чаршија, на 7 јуни од 19 часот ќе се одржи „Амам интернационала – под куполите“, перформативен настан што ги оживува сеќавањата на амамите како места на средба, разговор и заедничко искуство.
Замислен од Синиша Илиќ и Бојан Ѓорѓев, во соработка со Биљана Тануровска-Ќулавковски, Роналд Панза, Анила Кабаши, Ана Миљаниќ, Драгана Јововиќ, Арес Шпорта и Катарина Поповиќ, проектот претставува перформативен патопис низ балканските амами и нивната улога во општествениот живот.
Настанот ги истражува заборавените и потиснати наративи за заедништво што некогаш се создавале под куполите на овие објекти, каде се вкрстувале различни општествени слоеви, религии и секојдневни приказни. Преку колективна изградба на симболична купола, учесниците ќе создадат привремен простор на средба и грижа, отворајќи можност за ново читање на односот меѓу архитектурата, телото и заедницата.
„Амам интернационала – под куполите“ е со слободен влез и ги поканува посетителите активно да учествуваат во создавањето на едно колективно искуство што ги поврзува минатото, сегашноста и можните идни форми на заедничко живеење.