Почина легендарната пејачка Бони Тајлер, гласот зад „Total Eclipse of the Heart“

Легендарната велшка пејачка Бони Тајлер почина на 75 годишна возраст, оставајќи зад себе музичко наследство што ја обележа светската поп и рок сцена. Нејзината смрт ја потврдија семејството и нејзиниот менаџер, а веста ја објавија повеќе светски медиуми. 

Бони Тајлер, родена како Гејнор Хопкинс во Велс во 1951 година, беше препознатлива по својот специфичен рапав вокал, кој стана нејзин заштитен знак по операција на гласните жици во седумдесеттите години. Светска слава стекна со хитовите „It’s a Heartache“, „Total Eclipse of the Heart“ и „Holding Out for a Hero“, песни што и денес се меѓу најпознатите во историјата на поп музиката. 

Во мај годинава пејачката беше итно оперирана во Португалија поради сериозни здравствени компликации. По операцијата извесен период беше во индуцирана кома, а иако подоцна излезе од неа, нејзината здравствена состојба остана тешка. Според последните информации, таа починала во болница во Португалија по компликации поврзани со болеста. 

Кариерата на Тајлер траеше повеќе од пет децении. Освен бројните светски хитови, таа ја претставуваше Велика Британија на Евровизија во 2013 година, а во 2022 година беше одликувана со титулата Член на Редот на Британската Империја за придонес во музиката. До последните години од животот продолжи да настапува и да снима нова музика. 

Светската музичка сцена се простува од една од најпрепознатливите вокални интерпретаторки на своето време, чии песни остануваат безвременски класици.

е-Трн да боцка во твојот инбокс