Почнува самитот на НАТО во Анкара

На крајот од самитот лидерите на НАТО се очекува да усвојат завршна декларација со стратешки приоритети за Алијансата, вклучувајќи ги одбранбените инвестиции, военото производство и долгорочната поддршка за Украина.

Лидерите на земјите членки на НАТО денеска и утре се собираат во Анкара на клучен самит кој треба да ја одреди идната структура на европската безбедност. Главната тема е поголемата улога на европските сојузници во одбраната на континентот, додека САД постепено го намалуваат директниот воен ангажман во Европа.

Притисокот за промена на поделбата на товарот доаѓа од американскиот претседател Доналд Трамп, кој од почетокот на својот мандат инсистира европските членки на Алијансата да преземат поголем дел од конвенционалната одбрана. Според новиот концепт, Европа би требало да ги обезбеди копнените, воздушните и поморските капацитети, додека САД би го задржале нуклеарниот чадор и клучните разузнавачки способности.

Под притисок на Вашингтон, сојузниците на минатогодишниот самит во Хаг се согласија до 2035 година издвојувањата за одбрана да достигнат пет проценти од БДП. Од нив, 3,5 проценти би биле директно наменети за воени капацитети, а 1,5 проценти за пошироки трошоци поврзани со безбедноста.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во пресрет на состанокот изјави дека земјите членки веќе ги зголемиле издвојувањата за одбрана на околу четири проценти од БДП и најави нови договори со одбранбената индустрија вредни десетици милијарди долари.

Украина останува клучна тема

Една од централните точки на разговорите ќе биде војната во Украина и идната поддршка за Киев. Украина се соочува со сериозен недостиг на ракети за противвоздушна одбрана, што дополнително ги оптоварува западните резерви.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе учествува на самитот и ќе има средба со американскиот претседател Доналд Трамп. Тој порача дека очекува состанокот во Анкара да донесе конкретни одлуки, а не само политички пораки.

Трамп, пак, изрази оптимизам дека разговорите со рускиот претседател Владимир Путин можат да доведат до завршување на војната, оценувајќи дека постои напредок во дипломатските напори.

Македонија со делегација во Анкара

На самитот учествува и македонска делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Таа ќе присуствува на состанокот на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на држави и влади.

Во состав на делегацијата се и министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, како и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.

На крајот од самитот лидерите на НАТО се очекува да усвојат завршна декларација со стратешки приоритети за Алијансата, вклучувајќи ги одбранбените инвестиции, военото производство и долгорочната поддршка за Украина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс