“Овој живот кој сум благословен да го живеам не го земам здраво за готово. Како мало црно момче што растеше на Јужната страна од Чикаго, да стигнам до 91 година не беше ниту сон, бидејќи тоа никогаш не изгледаше можно. Но денес, благодарен сум за секој човек кој ми даде рамо за да застанам на него… од Каунт Бејси до Надја Буланже, до Џозеф Пау и сите оние кои ми кажаа дека вредам уште еден ден. На сите вас таму, никогаш не потценувајте го позитивниот ефект кој можете да го имате во животот на едно дете, затоа што тоа може да биде разликата помеѓу тоа детето да стигне до 19 или 91 година. Ви благодарам за прекрасните роденденски желби и се молам да продолжам да го пренесувам она што великите ми го дадоа на мене!! Продолжете да чекорите напред… знаете дека и јас ќе го правам истото!” – пренесуваме еден од многубројните инспиративни статуси на оваа легенда.
Квинси Џонс, музичка легенда чие влијание и наследство се простираат низ повеќе од седум децении, почина мирно во неделата навечер на 91 година, опкружен со своите деца и семејството во неговиот дом во Бел Ер. Неговото семејство објави: „Вечерва, со полно но скршено срце, мораме да ја споделиме веста за заминувањето на нашиот татко и брат, Квинси Џонс. И иако ова е огромна загуба за нашето семејство, го славиме величествениот живот кој го живееше и знаеме дека никогаш нема да има друг како него. Тој навистина е единствен и многу ќе ни недостига; ни утеха и голема гордост ни дава фактот дека љубовта и радоста, кои беа суштината на неговото битие, ги сподели со целиот свет преку сè што создаде. Неговото срце ќе чука вечно преку неговата музика и бескрајната љубов.“
Патот на Џонс од Јужниот дел на Чикаго до светската сцена, неговата мудрост, истрајност и посветеност да ги инспирира другите остануваат траен потсетник за животите што ги промени и радоста што ја донесе во светот. Неговото наследство е сведоштво за силата на музиката, менторството и љубовта. Благодариме, Квинси, што нè научи како да продолжиме да чекориме напред.