Францускиот бестселер „Победнички“ отвора простор за приказните на жените од општествените маргини

Издавачката куќа „Антолог“ го објави новиот превод на Владо Ефтимов за романот на Летисија Коломбани посветен на женската солидарност во Париз.

Со задоволство информираме дека е објавен романот „Победнички“ (Les Victorieuses) од француската писателка Летисија Коломбани, во превод на македонски јазик на Владо Ефтимов. Книгата ни ја приближува приказната за жените кои, и покрај загубите, неправдите и тешките животни околности, наоѓаат сила повторно да застанат на нозе – понекогаш благодарение на неочекуваните средби и солидарноста со другите.

Солен е успешна четириесетгодишна адвокатка чиј живот ненадејно се распаѓа под тежината на професионалното и личното исцрпување. Во обидот да закрепне, по совет на својот психијатар, прифаќа волонтерска работа како писарка во прифатилиште за жени во тешка животна положба во Париз. Нејзиното ново работно место е Палатата на жената – простор исполнет со судбини, тајни, болка и надеж. На почетокот, Солен тешко наоѓа свое место меѓу жените кои живеат таму, но постепено открива дека понекогаш е доволно некој да нè сослуша, да ни помогне да ги најдеме вистинските зборови или едноставно да нè погледне без осуда за да почнеме да веруваме во нов почеток.

Речиси еден век порано, Бланш Пејрон, посветена активистка на Армијата на спасот, води сопствена битка. Нејзиниот сон е да создаде засолниште за жените кои општеството ги оставило на маргините – место каде што секоја од нив ќе може да најде покрив над главата, сигурност и можност за нов живот. Нејзината истрајност ќе доведе до создавањето на Палатата на жената, вистинско засолниште во Париз кое постои и денес.

Преку испреплетувањето на овие две женски судбини, Коломбани го поврзува минатото со сегашноста и ги открива животите на жените чии приказни ретко добиваат простор и внимание. Жените кои ги среќава Солен се соочуваат со различни форми на исклученост, насилство, сиромаштија и загуба, но нивните животи не се сведуваат само на страдањето. Во нив има и достоинство, хумор, великодушност, желба за живот и способност да им подадат рака на другите.

По меѓународниот успех на романот „Плетенка“, Летисија Коломбани и во „Победничките“ останува верна на темите што го одбележуваат нејзиното творештво: женската сила, нееднаквоста, солидарноста и можноста за преобразба. Со чувствителен пристап и нарација што ги спојува личните судбини со пошироките општествени прашања, таа нè потсетува дека зад секоја жена постои приказна што заслужува да биде слушната.

„Победничките“ е роман за оние што општеството често не ги забележува, за луѓето што помагаат без да очекуваат нешто за возврат и за храброста да се започне одново. Зашто победата не значи дека никогаш не сме паднале, туку дека сме успеале повторно да станеме – понекогаш и благодарение на нечија подадена рака.

Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во склоп на Креативна Европа на Европската Унија – Потпрограма „Култура“ и на Министерството за култура на РС Македонија. Достапна е во книжарниците и преку дистрибутивната мрежа на издавачот.

За авторката: Летисија Коломбани (1976) е француска режисерка, писателка и актерка. Филмската кариера ја започнала со неколку кратки филмови за да продолжи со своето прво долгометражно режисерско деби во 2002 г. Како авторка, Коломбани го привлече меѓународното внимание во 2017 година со романот „Плетенка“, за кој доби неколку награди. Преведен е на над 40 јазици и само во Франција е продаден во два милиони примероци. Следуваа романите „Победнички“ (2019) и „Змеј“ (2021), со кои се потврдува како една од најчитаните современи француски авторки. Во 2023 година самата го режираше и филмското остварување според романот „Плетенка“.


За преведувачот: Владо Ефтимов е роден во Штип во 1956 г. Дипломирал во 1980 година на Филолошкиот факултет, Катедра за романска филологија, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Најголемиот дел од работниот век го минал во Редакцијата на „Детска радост“ (при НИП „Нова Македонија“, подоцна во состав на „Просветно дело“) како новинар, уредник и одговорен уредник на списанија за деца и млади. Со преведувачка дејност, од француски и од српски јазик, се занимава речиси пет децении, првин за потребите на Аматерскиот театар „Чекори“ од Скопје, а потоа и за издавачките куќи „Детска радост“, „Просветно дело“, „Антолог“, „Три“ итн. Превел седумдесетина дела за млади и возрасни како и стотина книги, сликовници и боенки за најмладите читатели. Учествувал и во неколку лексикографски проекти како уредник и автор на одредници.

е-Трн да боцка во твојот инбокс