Речиси илјада години по нејзиното создавање, прочуената Бајешка таписерија (Bayeux Tapestry) повторно се наоѓа на англиско тло. Непроценливото средновековно уметничко дело пристигна во Британскиот музеј во Лондон во рамки на строго обезбедена транспортна операција.
Таписеријата е позајмена од Франција, каде што со векови се чува во градот Баје, а за јавноста ќе биде изложена од 10 септември 2026 до јули 2027 година. Ова е нејзино прво јавно враќање во земјата чија историја ја прикажува – норманското освојување на Англија во 1066 година, последното успешно освојување на англиската територија.
Превезена со специјален транспорт низ Евротунелот
Поради исклучителната вредност на артефактот, сите детали околу транспортот беа чувани во тајност.
Директорот на Британскиот музеј, Николас Калинан, изјави дека станува збор за историски момент.
„Неверојатно е што по толку многу години подготовка ова конечно се случува. По речиси илјада години, едно од најважните дела од британската и француската историја повторно е на британско тло“, рече Калинан.
Таписеријата, долга околу 70 метри, била внимателно свиткана како хармоника и сместена во специјален климатизиран контејнер со систем за амортизација на вибрации. Од Франција до Велика Британија била транспортирана со камион преку Евротунелот, а патувањето траело околу 11 часа и поминало под полициска придружба.
Прикажува еден од најважните моменти во европската историја
Иако често се нарекува таписерија, делото всушност е вез изработен со волнен конец на ленено платно. На него се прикажани настаните што довеле до Битката кај Хастингс во октомври 1066 година, кога норманскиот војвода Вилијам Освојувачот го победил англосаксонскиот крал Харолд и станал првиот нормански крал на Англија.
Историчарите сметаат дека изработката ја нарачал епископот Одо од Баје, полубрат на Вилијам Освојувачот, а дека таписеријата ја извезле жени во Англија, најверојатно монахињи, пред да биде пренесена преку Ла Манш.
Една од најочекуваните изложби во историјата на музејот
Во Британскиот музеј очекуваат изложбата да биде една од најпосетените во неговата 267-годишна историја. Само на првиот ден од продажбата биле продадени околу 100.000 билети. Бајешката таписерија содржи 620 човечки фигури, 737 животни, 58 сцени. На неа се прикажани битки, средновековни воини, крунисувања, смртта на кралот Харолд и бројни други историски настани.
Позajмицата беше официјално договорена за време на државната посета на францускиот претседател Емануел Макрон на Обединетото Кралство во јули 2025 година. Како дел од културната размена, Британскиот музеј ќе ѝ позајми на Франција богатства од Сатон Ху, меѓу кои и артефакти од прочуениот англосаксонски бродски гроб од VII век.
Во текст објавен во „Тајмс“, Макрон порача дека двете земји „не разменуваат само уметнички дела, туку ги споделуваат приказните за создавањето на европската историја“.
Иако дел од француските културни работници се спротивставија на транспортот, предупредувајќи дека преместувањето на толку стар и чувствителен артефакт носи ризик, експертите сметаат дека преземените мерки овозможиле безбедно пристигнување на едно од најзначајните средновековни уметнички дела во светот.