Американскиот претседател Доналд Трамп и шпанскиот премиер Педро Санчез се ракуваа и накратко разговараа пред почетокот на финалето на Светското првенство меѓу Шпанија и Аргентина на стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси. Во свечената ложа, покрај Трамп и неговата сопруга Меланија Трамп, беа и претседателот на ФИФА Џани Инфантино, шпанскиот крал Фелипе VI, кралицата Летиција и претседателот на Шпанската фудбалска федерација Рафаел Лузан.
Средбата доаѓа само неколку недели по нивната тензична средба на Самитот на НАТО, кога односите меѓу Вашингтон и Мадрид беа нарушени поради несогласувањата околу издвојувањата за одбраната и американската политика кон Иран.
Трамп тогаш остро ја критикуваше владата на Санчез, оценувајќи ја Шпанија како „изгубен случај“ поради, како што тврдеше, недоволните инвестиции во одбраната и се закани со трговски мерки. Санчез возврати дека Шпанија е сигурен сојузник кој ги исполнува своите меѓународни обврски. По нивниот неформален разговор, реториката меѓу двете страни делумно се смири.
Во пресрет на натпреварот, Санчез за шпанската телевизија TVE изјави дека ќе му ја честита на Трамп 250-годишнината од независноста на САД и ќе му порача дека шпанското и американското општество ги поврзуваат многу заеднички вредности.
„Пред нас е финале од соништата. Нека победи подобриот, а се надевам дека тоа ќе биде Шпанија“, изјави Санчез.
На прашањето кој ќе го додели шампионскиот трофеј, шпанскиот премиер кусо одговори: „Помалку ми е важно кој ќе го врачи пехарот, а многу поважно кој ќе го прими.“
На крајот, желбата на Санчез се оствари. Шпанија ја совлада Аргентина со 1:0 по продолженија и стана светски шампион, а трофејот и златните медали на новите шампиони им ги врачија Доналд Трамп и Џани Инфантино.