Пленковиќ: На Украина ѝ се случува тешка неправда

Хрватска, како земја која помина низ агресија, разбира дека она што ѝ се случува на Украина е „јасна и неоспорна неправда”, изјави хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денес во Киев.

Пристигнувајќи на својата шеста посета на Киев од руската инвазија во 2022 година, Пленковиќ учествуваше на одбележувањето на Денот на државноста и на петиот самит Украина – Југоисточна Европа.

Во своето обраќање, делумно на украински јазик, Пленковиќ зборуваше за борбата и истрајноста на Украинците „низ векови на војна и обиди да ѝ се негира идентитетот и местото во историјата”. Украина опстанала, а решителноста на нејзиниот народ денес е видлива низ целата земја, кај војниците кои ја бранат, наставниците кои предаваат под воздушна опасност, лекарите и волонтерите, изјави Пленковиќ.

Тој оддаде почит на паднатите војници и цивилните жртви, истакнувајќи дека Хрватска ја разбира Украина бидејќи пред 35 години и самата била „не во иста, но во слична ситуација”.

„Ја препознаваме неправдата кога ја гледаме, а она што толку долго ѝ се случува на Украина е јасна, неоспорна и тешка неправда”, изјави Пленковиќ. Тој додаде дека Украина не е виновна за таа војна, ниту војната била испровоцирана од Европа.

„Не постои друго објаснување освен трагичниот факт дека територијално најголемата земја во светот едноставно сакала уште територија за себе”, изјави хрватскиот премиер, мислејќи на Русија.

Пленковиќ на прес-конференцијата по самитот Украина – Југоисточна Европа изјави дека Украина, но и другите земји кандидатки, мора да го искористат актуелниот момент во кој проширувањето повторно се врати во фокусот на Европската Унија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс