Грција ќе ја прошири прочуената Плажа на бродоломот за да го спаси легендарниот брод

Властите на грчкиот остров Закинтос најавија проект за проширување на прочуената плажа Навагио за околу 30 метри кон морето, со цел да се заштити легендарниот брод „Панагиотис“, кој повеќе од четири децении е еден од најпознатите туристички симболи на Грција.

Грчките власти започнуваат амбициозен проект за зачувување на светски познатата Плажа на бродоломот (Навагио) на островот Закинтос, една од најфотографираните туристички атракции во Медитеранот.

Според планот, плажата ќе биде продолжена за околу 30 метри кон морето со додавање чакал и каменест материјал. Целта е да се намали влијанието на брановите врз бродот „Панагиотис“, чиј метален труп со години забрзано пропаѓа поради ерозијата.

Проектот предвидува дополнување на крајбрежјето долго 193 метри со околу 45.000 кубни метри материјал. Интервенцијата е проценета на околу 3,9 милиони евра и се темели на студија изработена од Националниот технички универзитет во Атина, иако дел од научната јавност има резерви околу неопходноста од ваков зафат.

По завршувањето на проширувањето ќе започне и реставрација на самиот брод, кој се наоѓа на плажата од 1980 година, кога по силно невреме се насукал на брегот. Денес токму тој брод е главната причина поради која Навагио е меѓу најпознатите туристички локации во светот.

Плажата во последните години е под посебен режим на заштита поради опасност од одрони и ерозија, а пристапот за посетителите останува ограничен додека траат мерките за безбедност и подготовките за реализација на проектот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс