Пјер Џосон не доаѓа во Струга за да каже дека сè е убаво во филмот, напротив. Британскиот сценарист, режисер и филмски ментор отворено вели дека „мрази“ кратки филмови и филмски фестивали, но сепак со години се враќа на Дрим Шорт, фестивалот што годинава слави десет години. Причината ја гледа во нешто што, според него, денес сè потешко се наоѓа во филмскиот свет, а тоа е искрената љубов кон киното, без пресметка и без цинизам.
Во разговорот за „Трн“, Џексон зборува за тоа зошто филмот отсекогаш бил политички, зошто киното мора повторно да стане „настан“, што му недостига на европскиот филм и зошто балканските автори премногу се опседнати со тоа од каде доаѓаат. Има и прилично директна порака до македонските и балканските режисери: не мора постојано да снимате за Балканот, вашата баба или луѓето што се караат и пијат, камерата и онака ќе покаже од каде сте.
Џосон, кој со години соработува со македонскиот режисер Горан Столевски, зборува и за бавниот процес на пишување сценарио, за тоа што денешните автори можат да научат од Битлси и зошто технологијата, иако ни го забрза животот, можеби ни го забави размислувањето. А неговиот совет за младите автори е едноставен и малку старомоден: земете молив и хартија и забавете.
Трн: Повеќепати сте биле во Струга. Што е она што ве враќа тука и кое е вашето омилено место во градот?
Пјер: Не можам ни да се сетам колку пати сум бил тука. Три, можеби четири. Доаѓав и затоа што овде пишував филмско сценарио, па сум поминал некое време во Струга. А омиленото место? Реката. Реката, дефинитивно. Таа е неверојатна и токму таа е причината зошто го избравме ова место за приказната и за сè што правиме.
Трн: Ова е фестивал за млади луѓе, млади автори и филмски професионалци. Вие, пак, велите дека повеќе не сте млад. Како се чувствувате во ова друштво?
Пјер: Ги мразам младите луѓе. Стареам. По 36 години повеќе не ги сакам младите. (се смее) Треба да направите нешто и за старите луѓе.
Трн: Во европскиот филм денес сè почесто се зборува за миграција, идентитет, војни, политички поделби. Дали мислите дека филмот станува сè пополитички или отсекогаш бил таков?
Пјер: Филмовите отсекогаш биле политички. Прво, филмот е многу скап. Кога луѓето трошат толку пари за нешто, постојат политички причини зад тоа. Владите, „Дизни“, Советите… кој било. Тоа е историјата на кинематографијата. Филмот едноставно не може да не биде политички.

Трн: Дали филмот треба да му даде одговор на гледачот или е подеднакво важно да го натера да размислува и да поставува тешки прашања?
Пјер: Филмот е поврзан со нашите соништа. Во првиот век од кинематографијата луѓето оделе во кино и за да гледаат секс, затоа што немале интернет и немале друг начин да го гледаат. Филмот ги користи сите тие работи за да ги натера луѓето да размислуваат за идеи. Но, поинаку размислувате за една идеја ако ја видите во кино отколку ако прочитате напис во весник или разговарате за неа со пријатели во бар. Тоа е различна форма затоа што е поврзана со несвесното, со емоциите, со работи што не се само интелектуални.
Токму затоа филмот е толку моќна пропагандна алатка. Со идеите се занимава на сосема поинаков начин.
Трн: Што е она за кое европската кинематографија сè уште не зборува доволно?
Пјер: Тоа е голем проблем. Една од причините зошто кината се празнат е што станува сè потешко да се најде нешто навистина скандалозно. Отсекогаш велев дека филмот треба да биде скандалозен. Денес можете да имате скандал околу политичката коректност, околу што било, но луѓето веќе не се особено заинтересирани. Секако, војната никогаш не е далеку. Има филмови што се обидуваат да отворат такви теми.
Ми беше интересно да го гледам „The Apprentice“ на Али Абаси, за Доналд Трамп. Десет години се обидувале да го финансираат тој филм. А потоа, кога Трамп повторно стана претседател и филмот излезе во тој момент, одеднаш стана малку скандалозен затоа што зборува за идниот претседател на САД и неговиот однос. Значи, сè уште постојат начини. Но, денес е потешко да се најде скандал. Можеби на Балканот е малку полесно отколку таму од каде што доаѓам јас. Јас сум од Лондон…
Трн: Во филмот што го пишувате со Јаков Поповски, а кој е сместен во Струга, имате лик на жена од Германија која има афера. На Јаков тоа му било доволно за да ја гледа како „лоша жена“, а вие не сте го гледале така. Колку културата влијае врз приказната?
Пјер: Многу. На Јаков тоа му било доволно за таа да биде лоша жена. Но јас доаѓам од Лондон и за мене тоа не ја прави лоша жена. Значи, постои културен аспект во сето тоа. Тоа е еден од интересните делови на работата.
Трн: Што мислите дека балканската кинематографија може да ѝ понуди на Европа, а што сè уште не е доволно препознаено?
Пјер: Не размислувам баш така, но мислам дека Балканот е фантастичен и недоволно познат. А мислам дека луѓето од Балканот треба да престанат да снимаат филмови за луѓе кои се пијани и си викаат едни на други. Овде има толку многу други прекрасни работи. Имате фантастични бајки и магија, неверојатна историја. Сето тоа е малку ограничено од навиката постојано да се прават филмови за луѓе кои крадат, пијат и се караат.
Има многу повеќе за што може да се зборува.
Трн: Значи, мислите дека балканските автори премногу се оптоваруваат со тоа да бидат „балкански“?
Пјер: Да. Мислам дека луѓето од Балканот, како и луѓето од каде било, не треба толку да се грижат од каде се. Тоа и онака ќе биде во нивните филмови. Камерата се справува со тоа. Треба да размислуваат за нешто лично, паметно, трогателно или различно. Не е неопходно да правите филмови за вашата баба само затоа што сте од Балканот.
Можете да создадете измислени ликови. Можете да измислите нешто или да земете традиционална приказна и да ја раскажете на нов начин, на друго место. Има толку многу што може да се направи. Можеби луѓето од Балканот треба малку помалку да се грижат за идентитетот, а малку повеќе за сите други работи што ги имаат овде.
Трн: Имате ли омилен балкански режисер или филм?
Пјер: Не можам навистина да издвојам еден. Но многу работев со македонскиот режисер Ѓорче Ставрески, кого многу го ценам. Тој е многу добар математичар и се обидовме да вложиме енергија во тоа да направи филм за математиката, а не за Балканот. Секако, филмот е снимен овде и Балканот е присутен во него, тоа едноставно се чувствува.
Трн: Велите дека пишувањето добро сценарио бара многу време. Зошто?
Пјер: За тоа можам да зборувам два часа. (се смее) Но, мислам дека е поврзано со фактот дека начинот на кој денес се прават филмови е многу различен од порано. Повеќето луѓе денес ја добиваат својата аудиовизуелна нарација преку „Netflix“. Кога сте во врска и немате што да си кажете, навечер гледате нешто заедно. Повеќето луѓе веќе не одат во кино.
Скапо е. Треба да одите со автомобил, да најдете кој ќе ги чува децата, а можеби и нема ништо што сакате да го гледате во тој момент. Затоа денес киното мора да биде настан. Мора да биде нешто изненадувачко. Може да биде уметнички експериментално и храбро, а може да биде и голем холивудски филм. „Одисеја“ сега е насекаде низ светот. Вложија 100 милиони долари само во промоција за да го направат филмот настан. Сите зборуваат за него. Значи, мора да биде настан. А не е воопшто лесно да направите нешто посебно.
Трн: Како да се напише денес добро сценарио?
Пјер Џексон: Знаете кој е Питер Џексон, режисерот на „Господарот на прстените“? Тој не знаел што да прави, па ги купил од Јоко Оно и Пол Макартни необработените снимки од последните студиски снимања на „Битлси“. Тоа е многу интересно за гледање. Има пет филмови, можете да ги најдете на „Disney“. И ги гледате тие момци имаат 26, 27 години. Навистина се млади. А сепак се глобални суперѕвезди. Тоа е 1969 година. Тие се многу млади. Доаѓаат на работа во девет часот наутро, целосно трезни, а си заминуваат во шест со сопругите и децата. Тие се неверојатно вредни. Исклучително дисциплинирани. Точно знаат што прават.
Повеќето луѓе со кои работам денес се однесуваат како постојано да се на одмор. Навистина. Не ја завршуваат работата. И затоа сè трае толку долго. Ако ги поставите вистинските прашања во вистинскиот ден и не губите време со бескрајно зборување, можете да го направите побрзо. Сè уште е тешко, сè уште може да не успее, но можете да го направите побрзо. Кога ќе видите како работеле „Битлси“, тоа е неверојатно.
И мислам дека голем дел од проблемот е токму она што го користиме сега за да го снимаме ова интервју – електрониката, која направи сè да биде многу, многу лесно. Но, всушност, тоа значи дека размислуваме помалку. Јас работам со многу млади луѓе и ги терам да пишуваат со молив и хартија, само за да го забават мозокот.
И смешно е, но е како во бајката: колку побавно одите, толку побрзо стигнувате. Стигнувате порано затоа што имате појасна визија каде одите. Тоа е, веројатно, гледиште на еден стар човек.
Трн: Дрим Шорт годинава слави десет години. Вие велите дека не ги сакате кратките филмови и не ги сакате филмските фестивали. Па, што правите овде?
Пјер: Навистина ги мразам кратките филмови и ги мразам филмските фестивали. Па, што правам овде? (се смее). Има нешто поинакво во начинот на кој овој фестивал е направен. Почнал како група пријатели кои го сакаат филмот и го прават тоа во парк. Постои искреност. Секако, доаѓам и затоа што сум работел со нив, ги познавам и тие ми се пријатели. Но, различно е кога група пријатели ќе се собере и ќе направи нешто што навистина го сака, а тоа не е само промоција и не е цинично.
Не верувам дека моите пријатели овде го прават ова првенствено како бизнис. Го прават за својот град, за луѓето овде, за сите возрасти, не само за младите.
Денис Абдула