Посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Белград не ги одразува желбите на граѓаните на Србија, туку е резултат на притисокот од Европската Унија и нејзина „одмазда“ за одбивањето на Србија да потпише антируска декларација, изјави поранешниот вицепремиер Александар Вулин за руската агенција РИА Новости. Тој порача дека Србија нема да воведе санкции или визи за руските државјани и нема да продава муниција за противниците на Русија.
Поранешниот потпретседател на српската Влада и основач на Покрет социјалиста, Александар Вулин, во изјава за руските медиуми го оспори значењето и мотивите зад првата официјална посета на Володимир Зеленски на Србија. Додека претседателот Александар Вучиќ преку социјалните мрежи изрази увереност дека средбата ќе придонесе за развој на билатералните односи и соработката во земјоделството, Вулин оцени дека доаѓањето на украинскиот лидер е директно изнудено од Брисел.
Според него, Европската Унија реагирала поради тоа што Србија на самитот „Украина – Југоисточна Европа“ одбила да поддржи заднички антируски ставови.
Вулин нагласи дека Србија нема да влезе во каква било антируска коалиција и дека фактот што Украина не го признава Косово не ја обврзува Владата во Белград да го промени својот курс кон Москва. Тој истакна дека Србија нема да воведе визи за руските граѓани, ниту пак ќе достави муниција на земји кои потоа би ја препратиле на фронтот против руските сили.
Оваа изјава доаѓа по низата медиумски извештаи од изминатите две години во кои Financial Times и други меѓународни извори наведуваа дека српска муниција, преку посредници, завршува во Украина во вредност од стотици милиони евра.