Пиперка , грозје и маслиново масло под лупа: растат прекршувањата за пестициди во ЕУ

Нов извештај открива зголемување на остатоци од пестициди кај одредени производи во ЕУ, особено кај увозната храна

Остатоците од пестициди сè почесто ги надминуваат дозволените граници кај дел од широко користените прехранбени производи, покажуваат најновите податоци на Европска агенција за безбедност на храната. Иако најголемиот дел од храната во Европа останува безбедна, анализата за 2024 година укажува на зголемен број отстапувања кај одредени категории.

Според извештајот, околу 99 проценти од примероците ја поминале годишната контрола, што значи дека генералниот ризик за потрошувачите е низок. Сепак, увозната храна има полоши резултати и се одбива на граничните проверки значително почесто во споредба со производите од ЕУ, што повторно ја отвора дебатата за построги контроли.

Особено загрижувачки е трендот кај слатката пиперка, каде бројот на примероци што не ги исполнуваат стандардите речиси се удвоил од 2018 година. Слични отстапувања се забележани и кај трпезното грозје и девственото маслиново масло, а во последно време и кај јајцата, кои претходно биле без неправилности.

Кај увозната храна означена како високоризична, од вкупно 39.433 примероци во 2024 година, околу 3,6 проценти биле целосно одбиени и не стигнале до пазарот. Производи како кумин од Индија, нар и домати од Турција, како и зелен чај од Кина и Виетнам, најчесто не ги поминале контролите.

Проблемите во европското производство најчесто се поврзуваат со супстанции како етефон, кој не е одобрен за одредени култури, но сепак се појавува во анализите. Дополнително, инсектицидот флуниксамид и хербицидот глуфосинат се меѓу главните причини за надминување на дозволените нивоа.

И покрај зголемените отстапувања, од агенцијата нагласуваат дека законските граници се поставени далеку под нивото што може да биде штетно за здравјето, па нивното надминување не значи автоматски дека храната е небезбедна за консумирање.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни