По шест месеци на Меѓународната вселенска станица, астронаутите се враќаат на Земјата околу пет илјадити делови од секундата помлади отколку што би биле доколку останеле на Земјата, пишува „Еуроњуз Србија“, повикувајќи се на Европската вселенска агенција. Разликата е мала, но мерлива. Според теоријата на релативноста, брзината на движење и силата на гравитацијата влијаат врз тоа колку време ќе помине на два часовника пред повторно да се сретнат.
Што би било потребно за да се вратиме во минатото?
Физичарот Хонгшенг Џанг од Универзитетот во Џинан, Кина, го разгледува прашањето дали човек би можел да се врати во момент што веќе го проживеал. За тоа би била потребна патека низ простор-времето што се враќа во истата точка и во истиот момент од кој почнала. Физичарите ја нарекуваат затворена временска крива. Во трудот испратен на стручна рецензија, Џанг покажува дека геометријата на простор-времето исклучува такви патеки во голем број теоретски модели.
Каде во равенките се појавува пат назад?
Еден пример се појавува во математичките модели на ротирачки црни дупки. Во нив постојат патеки по кои часовникот на патникот продолжува да отчукува напред, иако патеката го враќа во моментот од кој тргнал. Друга можност зависи од тоа како е поврзано простор-времето како целина. Замислете скали по кои постојано се качувате, а последното скалило ве враќа на првото.
Засега, мерливиот ефект е разликата во изминатото време. Враќањето во веќе проживеан момент останува можност во одредени математички модели, без експериментална потврда.
