Панукла сесии продолжуваат со трето поглавје, овојпат како вечер посветена на музиката што не бара удобна фотелја, туку отворени уши. На 29 мај, во Јавна соба, од 21:30 часот, публиката ќе има можност да слушне две различни, но подеднакво немирни музички формации што ја истражуваат границата меѓу импровизацијата, бучавата, атмосферата и ризикот.
На сцената ќе настапи НАМУЗ, дуо составено од Андреј Татарчевски на електрична гитара и ефекти и Кристијан Новковски на тапани. Нивниот звук е ново ехо од скопското музичко подземје: контролирана бучава, искршен мат рок, расипан џез, пост-ноиз енергија и електронски рок за оние што повеќе им веруваат на дисторзијата отколку на формата.
Вториот дел од вечерта го носи неконвенционалното трио Филип Букршлиев, Константин Хаџи Коцев и Нинослав Спировски. Нивната музика се движи низ амбиентален џез, дрон, слободна импровизација и урбана меланхолија. Наместо однапред зададена структура, тие градат звучни пејзажи што се отвораат полека, како ноќна прошетка низ празно, сиво Скопје.
Панукла сесиите се замислени како простор за музика со отворени краеви, за формални и неформални состави што бегаат од институционализирани музички калапи. Името „панукла“ доаѓа од архаичен збор што во југозападна Македонија, особено во Преспа, се користел за чума, проклетство, несреќа или голема беља. Во овој контекст, зборот е превртен во своевидна музичка зараза: немир, игра, импровизација и звук што не бара дозвола.
Настанот ќе се одржи во Јавна соба, со почеток во 21:30 часот. Влезот е 200 денари, односно 100 денари за студенти.