Губењето мускули и замор кај мажите може да се знак за падот на тестостерон

Иако машкиот хормон природно опаѓа по триесеттите години, драстичниот пад носи клиничка состојба што се открива со едноставен тест преку крвта.

Хроничниот замор, губењето на мускулната маса и намалената желба за секс кај мажите честопати се препишуваат на стресот или на годините. Сепак, зад овие симптоми може да се крие синдром на недостиг на тестостерон, односно хипогонадизам. Податоците покажуваат дека оваа состојба засега околу два проценти од машката популација, но нејзината зачестеност драстично расте со возраста. Потврдата на оваа дијагноза се прави преку анализи во лабораторија.

Тестостеронот е клучниот хормон одговорен за одржување на мускулната сила, густината на коските, производството на сперматозоиди и енергијата во текот на целиот живот. Иако неговото ниво природно се намалува по триесеттата година, кај дел од мажите тој пад е значително поизразен.

Промените најчесто се појавуваат постепено. Еден од првите знаци е намаленото либидо, придружено со еректилна дисфункција и ретки утрински ерекции. Покрај ова, мажите се соочуваат со константен замор, губење на мускулите и натрупување масни наслаги околу стомакот, и покрај физичката активност. На емоционален план се јавуваат раздразливост, анксиозност, намалена концентрација и пад на мотивацијата.

Лeкарите предупредуваат дека симптомите не треба автоматски да се припишуваат на стареењето, бидејќи тие можат да бидат последица и на лош сон, прекумерна тежина или дијабетес. Затоа, дијагнозата никогаш не се поставува само врз основа на симптомите.

Мерењето на тестостеронот се врши преку крв во утринските часови, најчесто меѓу 7 и 11 часот, кога неговите концентрации во организмот се највисоки. Американската уролошка асоцијација дефинира ниско ниво кога вредноста е под 300 нанограми по децилитар (ng/dL). За официјална потврда на состојбата потребни се две одделни утрински мерења.

Доколку се потврди клинички хипогонадизам, најчест метод на лекување е терапија со тестостерон. Оваа терапија се применува преку гелови за кожа, инјекции или лепенки, со цел нивото на хормонот да се врати во нормални рамки.

Пред почетокот на терапијата, лекарите задолжително ги исклучуваат сите ризици, како што е присуството на рак на простата. Терапијата исто така не им се препорачува на мажи кои планираат потомство, бидејќи може привремено да го запре производството на сперматозоиди. Паралелно со медицинскиот третман, задолжителни се и промени во животниот стил, редовно вежбање, намалување на телесната тежина и квалитетен сон.

е-Трн да боцка во твојот инбокс