За една деценија 30 отсто помалку новороденчиња во Македонија

Во Македонија бројот на новороденчиња паднал од околу 23.000 на 15.500 за една деценија, што гинеколозите го оценуваат како сериозен демографски и здравствен аларм.
The baby's feet are in the hands of the mother.

Во 2025 година во Македонија се родиле околу 15.500 бебиња, додека пред десет години бројот бил околу 23.000, што според гинеколозите е сериозен демографски аларм и повик за поголема грижа за женското репродуктивно здравје.

Македонија за една деценија изгубила речиси една третина од бројот на новороденчиња. Според најновите демографски податоци за 2025 година, во државата се родиле околу 15.500 бебиња, додека пред десет години бројот изнесувал околу 23.000. Лекарите предупредуваат дека падот од околу 30 проценти не е само статистика, туку показател за продлабочени демографски и здравствени предизвици.

Податоците беа соопштени на одбележувањето на „Неделата на женско здравје 2026“, организирана од Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари – МАГО.

Проф. д-р Елена Џикова од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство и член на Управниот одбор на МАГО, посочи дека намалувањето на бројот на новороденчиња мора да се гледа како сериозен општествен сигнал.

„Кога ќе се навратиме една деценија наназад, гледаме дека имаме намалување од околу 30 проценти во бројот на новороденчиња. Тоа не е само бројка, туку сигнал дека мора многу повеќе да се вложува во женското репродуктивно здравје, во поддршка на семејствата и во системска грижа која ќе почне уште од најрана возраст“, рече Џикова.

Таа нагласи дека едукацијата и превенцијата треба да почнуваат уште од школска возраст и да продолжат низ целиот репродуктивен период, особено во бременоста. Според неа, редовните прегледи овозможуваат рано откривање на ризици и подобра контрола на можните компликации.

Од МАГО предупредуваат дека и понатаму голем број жени доаѓаат на преглед предоцна, најчесто кога симптомите веќе се развиени.

Специјалистот д-р Илир Шурлани од Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир вели дека еден од најголемите проблеми е недостигот на навика за редовни контроли.

„Имаме случаи каде што жените доаѓаат предоцна не затоа што не чувствувале симптоми, туку затоа што немале навика или храброст навреме да направат преглед. Тоа е најтажниот дел, затоа што многу состојби можеле да бидат откриени многу порано и третирани успешно со едноставни и редовни гинеколошки контроли“, рече Шурлани.

Претседателот на МАГО, проф. д-р Глигор Тофоски, истакна дека организацијата работи на поширока едукација за женското здравје, не само од аспект на лекување, туку и преку превенција и навремено препознавање на ризиците.

Годинава, посебен фокус е ставен на синдромот на полицистични јајчници, кој, според Тофоски, сè повеќе се разгледува како состојба со пошироки последици врз организмот, поврзана со ризик од дијабетес тип 2, покачени масти, кардиоваскуларни заболувања и проблеми со плодноста.

На настаните во рамки на „Неделата на женско здравје“ ќе се разговара и за ХПВ-вакцинацијата како важна превентивна мерка против цервикален карцином.

„ХПВ-вакцината е единствената вакцина која може да спречи појава на цервикален карцином, но и да придонесе кон негово искоренување. За жал, опфатот кај нас е околу 56 до 58 проценти, што е далеку од потребното ниво“, истакна Тофоски.

Лекарите порачуваат дека падот на наталитетот, заедно со доцното јавување на прегледи и недоволната превенција, бараат посилен системски одговор. Тоа подразбира подобра здравствена едукација, редовни превентивни прегледи, поголема поддршка за жените и семејствата и полесен пристап до гинеколошка заштита.

е-Трн да боцка во твојот инбокс