Зголемените цени на електричната енергија ги тераат домаќинствата да бараат начини за заштеда, а еден од често занемарените потрошувачи може да се наоѓа токму во кујната, микробрановата печка. Енергетскиот експерт Кори Гилган предупредува дека микробрановите печки трошат електрична енергија и кога не се користат, поради електрониката и дигиталниот дисплеј кој постојано останува активен. Ова се нарекува фантомска или „вампирска“ потрошувачка.
Кај некои уреди потрошувачката во мирување може да биде околу 3-4 вати, но кај постарите модели може да достигне и 6 до 10 вати. Комбинираните модели со дополнителни функции исто така можат да имаат поголема потрошувачка во мирување.
Иако неколку вати изгледаат занемарливо, проблемот настанува кога ќе се собере потрошувачката на сите уреди во домот. Телевизори, ресивери, полначи, апарати за кафе, печатачи и други електронски уреди можат да трошат струја и кога навидум се исклучени. Според Гилган, во домаќинство со 20 до 40 уреди во режим на мирување, вкупната потрошувачка може да достигне 50 до 200 вати во текот на 24 часа.
Трик од само две секунди
Едно од наједноставните решенија е користење продолжен кабел со прекинувач. Микробрановата и апаратот за кафе, на пример, може да се приклучат на истиот кабел, а навечер со едно притискање да се прекине напојувањето. Истиот принцип може да се примени и во дневната соба – телевизорот, конзолата, аудиосистемот и другите уреди можат да се поврзат на една продолжна летва и да се исклучуваат истовремено.
Паметните приклучоци и продолжни кабли овозможуваат ова да се прави и автоматски, според однапред зададен распоред. Сепак, важно е продолжните кабли да се користат според упатствата на производителот и да не се преоптоваруваат, бидејќи неправилната употреба може да создаде безбедносен ризик.
Најлесно правило: пред спиење исклучете ги уредите што не мора да останат приклучени. Малата потрошувачка на еден уред можеби не изгледа значајно, но кога ќе се соберат десетици уреди, разликата може да се почувствува и на годишната сметка.