Ова е една од најлошите одлуки во историјата на Мундијалите!“ Легендарен Англичанец жестоко удри по ВАР по елиминацијата на Хрватска

Поранешниот англиски репрезентативец Џо Кол остро ја критикуваше одлуката со која беше поништен голот на Хрватска против Португалија, оценувајќи ја како една од најлошите во историјата на Светските првенства.
epa13057658 Soccer balls rest on the field during the 2026 FIFA World Cup group stage match between Jordan and Algeria at San Francisco Bay Area Stadium in Santa Clara, USA, 22 June 2026. EPA/BENJAMIN FANJOY

Поранешниот англиски репрезентативец Џо Кол жестоко ја критикуваше одлуката со која беше поништен голот на Хрватска за 2:2 во драматичната завршница од осминафиналниот натпревар против Португалија на Светското првенство.

„Мислам дека ова е една од најлошите судиски одлуки што некогаш сме ги виделе на Светските првенства“, изјави Кол во емисијата The Rest Is Football.

Драма во Торонто и ВАР што го реши победникот

Во осминафиналето одиграно во Торонто, Португалија славеше со 2:1, но најконтроверзниот момент се случи во 103. минута. Тогаш Јошко Гвардиол ја испрати топката во мрежата за израмнување и продолженија, но по интервенција на ВАР голот беше поништен поради офсајд.

Клучен момент во целата акција беше речиси незабележливиот допир на топката од страна на Игор Матаановиќ. Иако на прв поглед изгледаше дека не ја допрел топката, сензорите вградени во службената топка регистрирале минимален контакт. Поради тоа, Марио Пашалиќ бил во офсајд при приемот на топката, што доведе до поништување на погодокот.

Одлуката предизвика бројни реакции во фудбалската јавност.

Хрватска претходно поведе со голот на Иван Перишиќ, а Кристијано Роналдо израмни од пенал. Победата за Португалија ја обезбеди Гонсало Рамош во судиското продолжение.

„Допир со косата не смее да решава натпревар“

Поништениот гол на Гвардиол беше последниот драматичен момент на натпреварот и означи крај на настапот на Хрватска на Мундијалот.

Со својата изјава, Џо Кол им се придружи на бројните критики од хрватските навивачи и фудбалски аналитичари, кои сметаат дека минималниот контакт меѓу косата на Матаановиќ и топката – што и самиот напаѓач го призна – не требало да биде доволен за поништување на голот.

Џо Кол важи за еден од најдобрите англиски играчи од својата генерација. Во кариерата настапуваше за Вест Хем Јунајтед, Челси, Ливерпул и Лил, а за Англија одигра 56 натпревари и постигна 10 голови. Денес работи како телевизиски фудбалски аналитичар и коментатор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс