Нова опасност во грчките води: отровна риба ги затвора плажите зад бариери

Во делови од Грција се поставуваат пловечки заштитни бариери откако во источниот Медитеран сè почесто се појавува отровната риба-пафер. Видот е опасен ако се јаде, а неговите силни вилици можат да предизвикаат сериозни повреди.

Грчките плажи добиваат нова заштита но не од бранови, туку од риба.

Во заливот кај Халкида, на островот Евија, за првпат се поставени пловечки бариери за да се заштитат капачите од отровната риба-пафер, инвазивен вид кој сè почесто се појавува во водите на источниот Медитеран.

За локалните жители, ова е нова реалност. До неодамна, најголемиот летен страв во овие води беа виолетовите медузи. Сега вниманието е насочено кон рибата Lagocephalus sceleratus, позната како пафер, која се смета за еден од најотровните ’рбетници на Земјата.

Рибата не смее да се јаде, бидејќи во нејзините органи и месо има тетродотоксин – силен невротоксин за кој нема познат противотров. Опасноста не е само во нејзината отровност, туку и во силните вилици, кои можат да предизвикаат длабоки рани и обилно крварење.

Грчкиот Црвен крст веќе издаде предупредување до граѓаните: во случај на каснување, веднаш да побараат медицинска помош.

Локалните власти во Халкида велат дека не сакаат да чекаат да се случи инцидент. Затоа околу заливот се поставуваат километри заштитна мрежа, која треба да им овозможи на граѓаните и туристите побезгрижно лето.

„Подобро е да бидеме безбедни отколку подоцна да жалиме“, велат локалните власти.

Бариерите се поставуваат и поради искуството од минатото лето, кога медузите предизвикаа бројни проблеми за капачите. Сега, според надлежните, истата заштита може да помогне и во случај на појава на риба-пафер.

Проблемот не е само грчки. Рибата-пафер веќе се прошири низ источниот Медитеран, а научниците нејзиното ширење го поврзуваат со затоплувањето на морето и миграцијата на видови преку Суецкиот канал од Црвеното Море.

Рибарите на Кипар први предупредија дека овој вид им ги уништува мрежите и уловот. Тамошните власти веќе воведоа мерки за негово отстранување, а од крајбрежните води биле извадени повеќе од 100 тони риба-пафер.

Грција сега најавува слична програма. Рибарите ќе добиваат надомест за секој килограм уловена риба-пафер, а мерката прво ќе се применува на Крит и во јужниот дел на Егејското Море.

Сепак, не сите се согласуваат дека опасноста е толку голема. Дел од морските експерти сметаат дека стравот е претеран и дека, како и повеќето диви животни, рибата-пафер ретко напаѓа луѓе ако не е испровоцирана.

Но, за семејствата што ги носат децата на плажа, бариерите носат чувство на сигурност.

Во време кога климатските промени го менуваат и морскиот свет, грчките плажи стануваат пример за тоа како туризмот, природата и безбедноста сè почесто ќе мора да се прилагодуваат едни на други.

е-Трн да боцка во твојот инбокс