Србија не доби зелено светло за отворање на Кластерот 3 во пристапните преговори со Европската Унија, откако осум земји членки се спротивставија на понатамошен напредок на Белград кон членството.
Според неофицијални информации од дипломатски извори, на состанокот на Комитетот на постојани претставници на ЕУ (Корепер) во Брисел против отворањето на новиот кластер се изјасниле Холандија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Шведска, како и трите балтички држави – Естонија, Латвија и Литванија.
Главните забелешки се однесуваат на состојбата со владеењето на правото, реформите во правосудството, медиумските слободи и недоволното усогласување на Србија со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, вклучително и одбивањето да воведе санкции против Русија.
Дополнително, Данска и Луксембург изразиле резерви, оценувајќи дека Белград сè уште не покажал доволен напредок во борбата против корупцијата, усогласувањето со европската политика кон Русија и гарантирањето на слободата на медиумите.
Иако Европската комисија на состанокот оценила дека Србија исполнила дел од потребните услови и направила одреден напредок, повеќето земји членки не ги прифатиле тие аргументи. За отворање на кој било од шесте преговарачки кластери е потребна едногласна поддршка од сите 27 земји членки на ЕУ.
Комесарката за проширување Марта Кос останува меѓу најсилните поддржувачи на продолжување на евроинтегративниот процес на Србија, позиција што ја поддржува и Германија. Сепак, дел од членките предупредуваат дека Унијата не треба да прави отстапки додека не бидат исполнети клучните демократски критериуми.
Прашањето за отворање на Кластерот 3 повторно би можело да се најде на дневен ред на следниот состанок на Корепер, како и на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ на 14 јули. Според дипломатски извори, во моментов нема индиции дека земјите кои се противат ќе го променат својот став.