Светот може да се соочи со масовна криза со глад доколку Ормутскиот Теснец итно не се отвори за сообраќај, предупредува работна група на Обединетите нации. Според проценките, околу 45 милиони луѓе би можеле да бидат турнати кон глад поради недостиг на ѓубрива, чии клучни рути во моментов се блокирани.
Извршниот директор на УНОПС, Жорж Мореира да Силва, предупреди дека светот има „само неколку недели“ за да спречи голема хуманитарна криза. Низ Ормутскиот Теснец во нормални услови поминува околу една третина од светската трговија со ѓубрива, меѓу кои амонијак, сулфур и уреа.
Проблемот е особено итен поради земјоделските рокови. Сезоната на садење не може да чека, предупредуваат од ОН, а во дел од африканските држави времето за обезбедување ѓубрива истекува за само неколку недели. Ако тие не стигнат навреме, последиците ќе се почувствуваат во приносите, цените на храната и стабилноста на снабдувањето.
Кризата најсилно може да ги погоди Африка и Азија, каде што милиони луѓе веќе се изложени на ризик од несигурност во снабдувањето со храна. Од ОН предупредуваат дека ако причината за кризата не се реши брзо, светот подоцна ќе мора да се справува со последиците главно преку хуманитарна помош.
Ормутскиот Теснец е една од најважните точки за глобалната трговија, не само со нафта и гас, туку и со суровини неопходни за земјоделството. Токму затоа неговото повторно отворање, според ОН, е клучно за стабилизација на глобалниот пазар на храна.