Обединетите Арапски Емирати соопштија дека танкер поврзан со нивната државна нафтена компанија ADNOC бил погоден во Ормускиот Теснец.
Според Министерството за надворешни работи на земјата, во инцидентот нема повредени.
Од Емиратите оценија дека нападот претставува грубо кршење на Резолуцијата 2817 на Советот за безбедност на ОН, која ја потврдува важноста на слободата на пловење и го отфрла таргетирањето трговски бродови или попречувањето на меѓународните поморски рути.
„Таргетирањето на трговски бродови и користењето на Ормускиот Теснец како средство за економски притисок или уцена претставува чин на пиратерија од страна на Револуционерната гарда на Иран и директна закана за стабилноста на регионот, неговите народи и глобалната енергетска безбедност“, се наведува во изјавата.
Обединетите Арапски Емирати го повикаа Иран да ги запре нападите и да обезбеди целосно почитување на итен прекин на сите непријателства, како и целосно и безусловно повторно отворање на Ормускиот Теснец.
Инцидентот доаѓа во период на зголемени тензии во еден од најважните светски поморски правци за транспорт на нафта и гас.
Иран во понеделникот тврдеше дека погодил брод на американската морнарица, но САД го негираа тоа.